Макрон сака Њу дил за Европа
12 мај 2017Изворниот Њу дил е дело на демократскиот американски претседател Френклин Рузвелт. Тој во 30-те години на 20 век, на тогашната тешка економска криза ѝ се спротистави со масивна инвестициска програма, а на невработеноста со обемни социјални и економски реформи, стабилизирајќи ја ситуацијата како на стопански, така и на политички план. Зашто, во тоа време постоело искушението лекот да се побара во политички екстремизам.
Сегашната ситуација во Франција е тешко споредлива, но сепак: Франција се наоѓа во трајна криза - невработеноста е речиси двојно поголема отколку во Германија; Франција заостанува во меѓународната конкуренција, економскиот развој со години слабее, нешто подобрен е дури во последно време. На Франција речиси цела деценија не ѝ успева придржувањето кон европските критериуми за дефицит, додека Германија во меѓувреме бележи суфицити. Во поглед на политиката: речиси половината Французи во првиот круг од претседателските избори гласот го дадоа на кандидати со изразито анти глобализирачки и ЕУ-скаптичарски ориентации. Многумина во вториот изборен круг гласаа не за Макрон и неговата програма, туку против Марин Ле Пен.
Макрон планира намалување на долговите и на даночната стапка за претпријатијата во Франција, како и либерализирање на пазарот на труд.Тоа нема врска со некаков Њу дил, но тој е содржан во неговиот втор проект, инвестициска програма за цела еврозона, што би требало да се финансира од заеднички буџет на евро-државите.
Шојбле инсистира на придржување кон правилата
Поимот Њу дил за Европа беше употребен за време на посетата на Макрон на Германија во март, значи неколку недели пред изборите. Но, вистинската идеја на Макрон е содржана во заедничкиот документ кој Макрон пред две години, како министер за економија, го подготви со својот тогашен германски колега, сега министер за надворешни работи, Зигмар Габриел. Во него се предвидува зајакнување на еврозоната преку заеднички буџет, „нови извршни надлежности“ на ниво на еврозоната, „евро-буџет“ и „евро-комесар“. Целта беше создавање „економска и социјална унија“. Макрон постојано инсистираше на евро-обврзници, односно заеднички акции на евро-државите, со заеднички гаранции.
А тука веќе почнува црвената линија за конзервативниот дел од берлинската коалиција. Заеднички буџет, заеднички долгови, за политичарите од ЦДУ тоа премногу звучи како пренесување на одговорноста од Франција врз германските даночни плаќачи.Германската канцеларка Ангела Меркел веднаш студено реагираше: „ Германската поддршка се разбира не може да ја компензира француската политика.“ Таа ја отфрли идејата за евро-обврзници. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле навистина се залага за јакнење на еврозоната, но уште повеќе за недоволната буџетска дисциплина. Во интервју за италијанскиот весник „Република“, со поглед кон Франција, тој изјави: „Логично е и едноставно: ако носиме правила, мора и да ги применуваме.“ Неодамна тој на Европскиот универзитет Виадрина во Франкфурт на Одра рече: „Франција е толку голема и силна, што мислата како да ѝ се помогне, не е приоритетна.“ Со други зборови: поддршка, но не и пари.
Стравот од Ле Пен како средство за притисок
Ставовите во политиката и меѓу политичките коментатори дијаметрално се разликуваат. Едни ја критикуваат германската влада за скржавост, која ќе ѝ се одмазди, други во плановите на Макрон гледаат дрско префрлување на товарот врз грбот на Германија. Грегори Клаес од бриселскиот тинк-тенк Бригел смета дека Макрон, макар и од тактички причини, ќе се придржува на вистинскиот редослед: „Тој прво ќе се концентрира врз внатрешните француски реформи и ќе сака да покаже желба за придржување кон правилата за буџетска стабилност за да ја врати довербата кај европските партнери, како Германија и северноевропските држави.“ Тој тешко ќе се осмели на конкретизирање на своите европски реформски идеи пред изборите за Бундестагот.
Од другастрана, берлинскиот политиколог Улрике Герот е уверена дека Макрон има в раце средство за притисок врз Берлин. Во разговор за ДПА, Герот изјави: „Тој може да ја посочи Велика Британија. Германија може многу да загуби во случај на турбуленции во некоја земја. Макрон може да каже: 'Ако не ми помогнете, следниот пат ќе имате работа со Марин Ле Пен.'“ Но, уцената може да биде и контрапродуктивна. Токму сега, во екот на изборната кампања за Бундестагот, евроскептичарите можат да добијат нов поттик доколку се чини дека германската влада дозволува да биде ставена под притисок.
Многумина веруваат дека во игра е многу поголем политички, отколку економски влог. Њу дил во САД придонесе за зачувување на демократијата, и покрај тешката економска криза. Во Германија и во други земји беше поинаков случај. Пратеникот од ЦДУ, Елмар Брок, кој со години ги следи развојните текови, смета: „Европа се распаѓа. Емануел Макрон е последната шанса. Мораме нешто да направиме.“ Но, што точно, мислењата околу тоа широко се разијдуваат.