Макрон најави дипломатска иницијатива за Сирија
25 мај 2018За разговорите на почетокот на неколкудневната посета на Емануел Макрон на Русија домаќинот Владимир Путин го пречека претседателот на Франција во величествената Константинова палата, во близина на неговиот роден град Санкт Петербург. Двајцата претседатели, по повеќечасовната средба, истакнаа дека сакаат потесно да ги координираат нивните напори за ставање крај на војната во Сирија.
Двете вето-сили во Советот за безбедност на Обединетите нации, Русија и Франција, притоа мислат во прв ред на процесот во Астана, инициран од Москва со Иран и Турција и т.н. „мала група“ со Франција, САД, Велика Британија, Саудиска Арабија и Јордан. Во април, Германија, исто така, за првпат учествуваше на состанокот на оваа група.
Повеќе:
-Кој и за што сака да војува во Сирија?
-Сирија и триумфот на автократите
-Војната во Сирија и грешките на Западот
Сѐ уште без детали
Макрон зборуваше за плановите за своевиден „координативен механизам“ меѓу Париз и Москва и рече: „Ова според мене е многу значаен чекор напред". Сепак, францускиот претседател не кажа како овој механизам треба да функционира во пракса. Тимови од двете страни ќе го оформат во следните недели, рече Макрон.
Целта е да се има „паралелна, но заедничка агенда за дискусија“ за двете групи (Астана и „малата група“) и „заедно за да се постигнат согласности кои, се надеваме, ќе го овозможат неопходното политичко решение “, рече Макрон. Тој имено веќе подолго време се залага за обединување на двата формати за разговор. Русија и Иран се важни сојузници на сириската влада на чело со Башар ал-Асад.