Макрон и Штајнмајер заедно на историската годишнина
5 ноември 2018Пред 100 години заврши Првата светска војна. Односите меѓу Германија и Франција долги години носеа печат на крвавите настани, но денес некогашните непријатели заеднички се потсетуваат на стравотиите.
Средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со неговиот германски колега по функција, Франк-Валтер Штајнмајер во Елзас (на насловната фотографија) беше почеток на цела серија настани во Франција организирани по повод крајот на војната пред сто години.
Париз ја искористи манифестацијата и за да потсети на враќањето на Елзас-Лотарингија на Франција пред еден век. По примирјето од 11. ноември 1918. година, германските трупи морале да ги напуштат окупираните територии, меѓу кои и Елзас-Лотарингија, област која припаѓала на Германија од 1871. година. Надбискупот од Стразбур, Лук Равел изјави дека концертот во катедралата Нотр Дам, со присуство на двајцата државници, има исклучителна симболичка сила: „Оваа катедрала е епицентар на сѐ што се случувало во Елзас во добри и лоши времиња“. Регионот постојано бил јаболко на раздорот меѓу двете земји, а во меѓувреме е симбол за помирување на некогашните заколнати непријатели.
Макрон во следните денови ќе посети бројни некогашни боишта и војнички гробишта од Првата светска војна. На 10. ноември францускиот претседател заедно со германската канцеларка Ангела Меркел ќе го посети Компјењ, каде Германија потпишала примирје пред еден век. Таму ќе биде откриена двојазична спомен-плоча, по што Меркел и Макрон во т.н. вагон на примирјето ќе се запишат во Златната книга. Истиот ден канцеларката заедно со околу 70 други претседатели и премиери ќе учествува на големата комеморација со воени почести пред Триумфалната капија во Париз. Најавено е учеството и на американскиот претседател Доналд Трамп, како и на рускиот, Владимир Путин.