Македонци во Германија бараат признавање на возачки дозволи
11 април 2017Македонските државјани се меѓу ретките Европејци чии возачки дозволи не се признаваат во Германија. Проблемот трае веќе со години, а иселениците сега се обидуваат да го решат со интернет-петиција. Тие се надеваат дека со собрани 50 илјади потписи ќе ги натераат германските власти да ја забрзаат одлуката за признавање на возачките дозволи. Рокот за собирање на потребниот број потписи е 4 мај, а адресата на која се упатува барањето е германското Министерство за сообраќај.
Во моментов, секој македонски државјанин кој ќе пријави престој во Германија може да управува моторно возило од Б категорија само во првите шест месеци. Потоа мора одново да полага за возачка дозвола.
Според иницијаторите на петицијата, тоа е не само „финансиско, туку и временско оптоварување, и истовремено пречка за извршување на професионалните и приватните обврски“. Правилото важи за сите држави кои немаат потпишано договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи.
Бројот на македонски државјани кои живеат и работат и во Германија, последниве години, е во постојат пораст. Во меѓувреме, бројката достигна околу 100 илјади луѓе со тенденција за натамошен раст.
Целата постапка за полагање за возачка дозвола во Германија чини, во просек, околу две илјади евра.
Македонските возачки дозволи се признаени и можат да се преведат во повеќе земји-членки на ЕУ, но не и во Германија. Причината е во негативното мислење на германските власти во однос на квалитетот на обуката и испитот за возачи во Македонија. Таквото мислење е издадено уште во 1990-те години, и оттогаш трае обидот на македонските власти да докажат дека возачкиот испит во земјата е компатибилен со директивите на ЕУ и Германија.
Целата петиција можете да ја прочитате и потпишете на следниот линк:
https://www.openpetition.de/petition/online/initiative-fuer-anerkennung-der-in-mazedonien-ausgestellten-fuehrerscheine-seitens-der-bundesrepubli