Македонците во војна против Македонија
3 декември 2019Македонија на прагот на најголемата победа по Втората светска војна може да го доживее својот најголем пораз. Шокантно, но точно. Секој ден сѐ подобри и поголеми се изгледите за уништување на европската иднина, симболично кажано, на надежите на околу два милиони граѓани. Со нив заедно, може да исчезне и нивната татковина, како трагичен резултат од медиумската војна што ја водат меѓу себе партиските врвови на најголемите политички партии пренесена и до Македонците, чија меѓусебна омраза од ден на ден драматично расте. Се разбира со задолжителната логистика и со повеќе од праведна застапеност и на другите народи што живеат во оваа кутра земја и кои сите заедно не знаат што да прават со слободата, освен непречено да се мразат.
Жестокоста на меѓусебната пресметка меѓу Македонците и нивните помагачи во битките за власт на сите фронтови цели пет месеци пред парламентарни избори добива крајно загрижувачки димензии бидејќи секојдневно му докажуваме на светот на најпримитивен и на најпростачки начин дека сите што нѐ поддржуваат за членство во ЕУ и во НАТО не се во право и најдобро е да се откажат од своите заложби да не видат како свои сојузници. Никој досега во Европа не се изјаснил против европската иднина на Македонија, па ни претседателот на Франција Емануел Макрон колку што Македонците се против својата иднина , иако сите мерења на јавното мислење кажува дека во Македонија е многу поголем процентот на граѓаните кои го поддржуваат членството во ЕУ и во НАТО отколку што е тоа случај во земјите членки на ЕУ и на НАТО. Што е тоа што ни се случува ваков апсурд во моментот кога се во прашање денови и часови за наше рамноправно членство во најголемиот воено политички сојуз НАТО и кога најмоќните светски велесили и сите земји чланки на ЕУ се заземаат да се забрза одлуката за почеток на преговори на Македонија со ЕУ отворено спротивставувајќи се на ставот на Франција за ветото поради новите правила што ги предлага.
Тешка и земја на вистината
Последните вести од западноевропските метрополи и од официјален Вашингтон се категорични дека дискусиите за новата методологија за прием во европското семејство не смее да ја одолговлекува и загрозува крајната цел на земјите од Западен Балкан. Што тука не е јасно, или што не е јасно во изјавата на претседателот Макрон дека не се доведува во прашање европската иднина на Македонија. За голема жал, како и во секоја војна прва гине вистината, додуша кај нас таа одамна е во кома, ама сега е исклучена од апаратите и на издишување. Тешка и земја на вистината. Дека овие констатации не се пренагласени и подраматични од реалноста не се потребни некои морски анализи и големи аналитичари. Доволно е да се вкључи апаратчето во кое го носиме светот во џебот и за неколку минути ќе ја видите во живо крвта која се цеди од тукушто со зборови ликвидираните криминалци и корумпирани политичари, судии, обвинители, новинари, стари и нови предавници, лажни и вистински патриоти, странски и домашни платеници. Луѓето и натаму веруваат слепо во тоа што им го соопштуваат партиите и пропагандистите од инстант медиумите преку мобилките, исто колку што и натаму веруваат на телевизиите и на весниците кои спаѓаат во таканречените национални јавни сервии и кои имаат уште поголема традиција во ширење на лажни вести и омраза како виско комерцијална и коруптивна пропаганда. Во само еден ден погледнете ги вестите кои не се вести и погледнете ги емисиите во живо од типот гласот на народот чие инсталирање на тв програмите е вкључено во пазарењето со партиите за висината на цената во предизборните кампањи и пропаганди.
Планетарна будалаштина
И сега ајде дали може некој да погоди за што ќе расправа и одлучува Уставниот суд за аболициите и пишман аболициите на знаменитиот претседател на државата Ѓорге Иванов уште од 2016 година и од каде оваа идеја за нешто вакво да се најде на дневен ред пред уставните судии.
Тешко е да се верува дека еден Уставен суд, па макар бил и на Македонија, самостојно по своја совест и по слово на законот, на мала врата ќе се обиде да ги ослободи од одговорност најголемите криминалци од врвот на претходната власт и со тоа да му докаже на светот дека само во Македонија е исплатлив организираниот криминал и корупција и кога ќе ве фатат и кога ќе ве осудат. Вчудоневидува ова најава на озаконување на една претседателска одлука која не ја прифати никој, па ни самиот тој, па ни обвинетите и која е влезена во колективната меморија како будалаштина од планетарна категорија дека може сега да оживее три години откако е погребана. Или пак некој намерно крева ѓурултија поради некоја друга мака. Ете вака се губи довербата во правосудниот систем. Сега што и да одлучи Уставниот суд половина Македонија нема да верува. Толку се длабоки делбите и голема недовербата.
Други колумни од авторот:
-Поткрепиме Госп Борисов, поткрепиме сичко
Што можат да мислат граѓаните, кои се уште тоа го прават со своја глава, ако повеќегодишниот судски процес против повеќе обвинети, поранешни највисоки функционери се приведува кон крај со јасно видливата и докажана виновност и пак преку правно политички толкувања се донесува одлука за застареност на делото. Ете тоа се случува во држава во која ништо не застарува освен луѓето и криминалните злодела на политичарите. Може ли некој да му појасни на светот како тоа Врховниот суд на државата поништува судски пресуди со образложенија од ракав кои немаат никаква врска со регуларноста на судската постапка во сите инстанци. Овде можеме да набројуваме цели томови од трагичните искуства на македонската три децениска транзиција во доменот на владеење на правото кои заправо докажуваат дека тој суштествен сегмент на демократијата е унакажан до таа мерка што во периодот од 2006 до 2017 кога доживува колуминација и се претвори во инструмент на присила, репресија и диктатура. И сега се уште рецидивите на таа тиранија го поткопуваат владеењето на правото во неговите зачетоци барјаќи начини да се ослободат криминалците и злосторничките здруженија.
Со еден куршум два зајака
Она што сега се случува во Македонија е специјална војна за освојување на власта од што зависи не само владеењето на правото како најважен предуслов за демократијата, туку и дали државата ќе продолжи по европскиот пат без оглед по која методологија ќе се вреднуваат напорите за отпочнување на преговорите со ЕУ. За среќа влезот во НАТО ќе го спречи распадот на земјата од надворешни притисоци и влијанија, но не може да го спречи ако од внатре самите ја уриваме. Тоа може да го спречи само побрзиот економски и севкупен општествен и културен развој на земјата како членка на Европската Унија. Во Македонија веќе се добро познати политиките и политичарите кои го препознаа значењето на членството во НАТО и во ЕУ, кои храбро се одважија да ги направат непопуларните и болни остапки. Сегашното приклучување кон истата идеја кога сме пред вратите на Европа и НАТО ќе беше добредојдено иако задоцнето со ужасното децениско држење на земјата како вечен кандидат за членство во НАТО и во ЕУ. Не се гледа искрената подготвеност на ВМРО-ДПМНЕ и партиското раководство за признавање на историските грешки за заробената држава, за тиранијата и грабежот направен во долгогодишното владеење во ерата на груевизмот. Кога Христијан Мицкоски вели дека не прифаќа никаква аболиција тој ја додава и следната реченица: под услов ако се донесе закон со кој ќе се забрани бавење со политика на аболицирани политичари. Сака човекот со еден куршум да утепа два зајака. Ем да го острани политичкиот противник Зоран Заев без избори, ем да се спаси од Никола Груевски кој почнал да се подготвува за враќање во татковината на голема врата, па некои негоови следбеници дури и го повикаа да си ја одлежи казната.
Разликата меѓу ВМРО од првата половина на 20 век и нивните самопрогласени наследници во ВМРО-ДПМНЕ од првата половина на 21 век е во тоа што во минатиот век политичките противници, иако сите за автономна и независна Македонија се убиваа меѓусебе во атентати по улиците на европските и македонските градови, а денес наследниците ја убиваат европската иднината на Македонија во битките со Македонците, иако сите се за Европа. Изгледа и тогаш некој од нив не биле ни за автономна, ниту сега се за европска Македонија.