1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското досие пред министрите во Луксембург

18 јуни 2019

Министрите за надворешни и европски работи на земјите членки на ЕУ денеска ќе разговараат за напредокот на Северна Македонија и Албанија, и проширувањето. Скопје очекува валоризација на оствареното.

https://p.dw.com/p/3KcOl
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Вниманието на Скопје и Тирана е насочено кон денешниот министерски совет во Луксембург, на кој шефовите на дипломатиите на земјите на ЕУ треба да решат дали и кога Северна Македонија и Албанија ќе ги започнат преговорите за членство во ЕУ, како што препорача ЕК во извештаите. Одлуката што ќе ја донесат министрите треба да биде потврдена од страна на шефовите на држави и влади на ЕУ, на Европскиот совет на 20 и 21 јуни во Брисел.

Сосема е извесно дека одлука за почеток на преговори во јуни ќе нема, поради тоа што германскиот парламент за тоа ќе одлучува во септември. „Битката“ во моментов се води за содржината на заклучоците - во нив да биде нотирано дека Северна Македонија ги исполнила сите услови, но одлуката заради други процедури се одлага за септември, како и потврда дека во декември ќе се одржи првата меѓувладина конференција, со што ќе започне почетокот на преговорите на РСМ за членство во ЕУ.

Повеќе:

Заев: Членство во ЕУ меѓу 2025 и 2030 година?!

-Во германската влада нема дилеми околу ЕУ перспективите на С. Македонија

-Меркел вети датум, Заев ги отпиша предвремените избори

На оваа тема на амбасадорско ниво до вчера се уште се воделе  интензивни консултации. Голем број земји членки се уверени дека двете земји заслужуваат позитивна одлука во јуни. Но поради фактот дека германскиот парламент за тоа ќе одлучува во септември, дел сметаат дека дотогаш треба да и се даде време на власта во Тирана за остварување напредок во политичкиот дијалог со опозицијата.

EU Außenministertreffen in Luxemburg
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Хан и Могерини испратија пораки

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини вчера порачаа Советот на министри на ЕУ да донесе позитивна одлука за Скопје.

„Секое доцнење носи ризици, а мене не ми се допаѓаат ризиците кога нема потреба за тоа“, изјави Хан, одговарајќи на новинарски прашања.

Запрашан за скептицизмот на Франција и Холандија, тој рече дека неговата порака е - сите да ја разберат ситуацијата во регионот и неговата перспектива.

„Една држава инвестираше многу во европската перспектива. Лидершипот покажа храброст и доколку тоа не се награди, ние не само што ќе ја изгубиме нашата важност, туку и кредибилитетот и довербата. Се што инвестиравме успешно со години е во опасност, доколку не се ангажираме за реализирање на нашите ветувања“, изјави Хан.

Могерини од Луксембург ги потсети министрите на ЕУ на големото македонско постигнување - Договорот од Преспа.

„Помина една година од потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Северна Македонија и Грција. Треба да се потсетиме на моќта на храброста и лидерството, и важните чекори кои се преземаа на Балканот. Се надевам дека земјите членки ќе се сетат и ќе оддадат признание за овие чекори, посебно кога треба да се донесе важна одлука за отворањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија, одлука која треба да се донесе во најкус можен рок. Двете земји се европски земји. Во наш интерес е Западен Балкан да стане дел од заедницата“, порача Могерини.

Шекеринска: Ги исполнивме сите услови

И покрај извесноста дека одлуката за датумот за преговори ќе биде донесена во септември, домашните политичари очекуваат сега јасно да се нотира македонскиот напредок. 

„Со право очекуваме Советот на ЕУ да потврди дека ги исполнивме сите услови и  убедена сум дека годинава ќе започнеме преговори“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во гостување на ТВ „Телма“.

EU Außenministertreffen in Luxemburg
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Таа истакна дека ЕУ преку Извештајот на Европската комисија го препознала успехот на државата во реформскиот процес и очекува тоа да биде потврдено и од Советот на ЕУ.

„Немам дилеми дека и во заклучоците на Советот ќе биде констатирано дека ги исполнивме сите услови и очекувања, и тоа не само на услови и очекувања кои се однесувале само на договорите со Грција и Бугарија туку и на домашните реформи што ги спроведовме и ги спроведуваме во клучните области. Како Влада одлучивме тоа што може да го завршиме, да го сработиме и да не го одлагаме. Затоа денес ЕУ може да заклучи дека се што е до нас - е завршено. Покажавме дека добриот однос и шансите за решенија носат реален резултат. Денес дури и најскептичните земји членки на ЕУ не можат да најдат оправдување за да не започнеме преговори“, изјави Шекеринска.

Во однос на негативниот став на Холандија за почеток на преговори со Албанија, таа изјави: „Ние сакаме двете земји да почнат да преговараат, бидејќи мислиме дека така е покорисно. Меѓутоа, во одреден момент секој има одговорност да ја турка агендата на својата земја“.