Македонскиот пишан збор ги освојува германските читатели
28 декември 2013„Мојата роднина Емилија“ (Meine Cousine Emilia) од Влада Урошевиќ и „Сестрата на Зигмунд Фројд“ (Freud´s Schwester) од Гоце Смилевски, два романа кои годинава (2013) беа преведени и објавени на германски јазик, како и стиховите на Лидија Димковска или Никола Маџиров треба да ѝ го отворат патот на македонската литература на германскиот пазар. „Двајцата се неверојатно добри лиричари“, вели за нив славистот Александер Зицман и дополнува: „Лиричари, кои со своите стихови на места сосема јасно укажуваат на нивната татковина, но пишуваат толку интернационално, што имаат успех и надвор од границите на својата земја“.
Патот не е лесен, смета преведувачот на Смилевски и Урошевиќ, Бенјамин Лангер, и дополнува дека да се објави едно дело на германски јазик е сплет на повеќе фактори: од изработка на професионално портфолио, кое содржи преведени извадоци од романот и податоци за авторот, па сѐ до пронаоѓање на издавачка куќа. „Да се најде издавач изискува огромна посветеност, многу време и ентузијазам“, смета и Елизабета Линднер, исто така литературен преведувач од германски и македонски јазик.
Лангер, како и преведувачот, славист и скандинавист Зицман се на мислење дека од големо значење за промоцијата на македонската литература во Германија, Австрија или Швајцарија се и контактите, присутноста и претставувањето на самите автори на различни литературни читања.
Една од можностите се на пример саемите на книгата, особено саемот во Лајпциг, каде авторите може да стапат во контакт со претставници на издавачките куќи. Ваквата присутност, според Бенјамин Лангер, може да донесе поголеми резултати, отколку само да се изложуваат книги на штанд или да се презентираат готови преводи, впрочем секоја издавачка куќа полага на ексклузивните права за едно дело.
Конечно, и добивањето на награда, како на пример наградата на ЕУ за литература на Гоце Смилевски или наградата „Хуберт Бурда“ за Никола Маџиров играат улога во изборот на македонските автори. „Потоа траеше долго, четири години, но, збирката 'Преместен камен' (Versetzer Stein) беше издадена од 'Ханзер ферлаг'“, подвлекува преведувачот на Никола Маџиров, Зицман, кој првично ги превел стиховите на Маџиров, бидејќи нему му се допаднале.
Авторите секако треба да бидат етаблирани во својата земја, дополнува и Линднер: „Не може поинаку да се убеди издавачот, да објави нешто што не е успешно во земјата од каде доаѓа. Дури и поддршката што постои за литературните преводи е наменета за автори кои се докажале во својата земја“.
Етнокултурните карактеристики - предизвик за преведувачите
Сплет на околности, кои меѓутоа не смеат да ја потиснат магијата на литературната реч: на пример приказните за загатливата Емилија и мистичниот превез на нејзините авантури низ скопските сокаци, кои го привлекоа вниманието на Лангер.
„Влада Урошевиќ беше првиот автор, кој го читав на македонски јазик. Тој навистина многу ми се допадна, расказите допреа до мене. Посакав да може да го прочитаат и моите пријатели, но, за тоа требаше да се најде издавачка куќа, за што лично се заложив. Патот беше долг и тежок, но, се најдоа помагачи, кои ме поддржаа и успеавме. Навистина тоа беше проект, кој ми лежеше на срце“.
Привлечност кон пишаниот збор, која беше предизвик за Лангер да ги надмине и замките на македонскиот литературен јазик, како на пример, како што вели самиот, структурата на реченицата, која честопати ја менува формата, но и специфичностите: „како 'смеејќи', иако имаат еквивалент на германски, би се рекло 'lachend', тие не звучат природно, и речиси да не се употребуваат. Но, тоа се употребува многу често во македонската литература, и мора да се пронајде како да се пренесе“, вели Лангер и не го заборава зборот „ајде“. „'Ајде' се употребува во Македонија многу често и тешко е да се преведе вистинскиот аспект“, вели тој. Ова етнолингвистичко ниво го истакнува и преведувачот Зицман: „Тешки се повеќе не јазичните карактеристики, туку културното опкружување на Македонија, или во принцип на секоја земја. Секогаш има нешто, што на германски го нема. Но, основното правило за нас преведувачите гласи: Сѐ може да се преведе“.
За да се открие квалитетот на еден автор, од големо значење е токму умешноста на преведувачот. „Еден автор како Влада Урошевиќ или лиричарите Никола Маџиров и Лидија Димковска најдоа добри издавачи, добри преведувачи и адвокати на нивната литература - тоа како биланс воопшто не е лошо“, истакнуваат од здружението „Германски преведувачки фондови“ од каде велат дека за германските издавачи од големо значење се препораките, бидејќи лекторите по правило не можат да ги читаат македонските автори во оригинал. Ова здружение ги поддржува преводите со стипендии за преведувачите. А поддршка пристигнува и од европската мрежа за литература и книги од ЈИЕ „Традуки“. Дел од преведувачите, меѓутоа, посакуваат поголема поддршка и од матичната земја за книжевните проекти и учество на авторите на саемот во Лајпциг.
Книгите - градители на литературни мостови
Пред последниот бран преводи на германски јазик, кои сe воедно презентирани и на интернет платформата slovokult.de и во литературни списанија, повеќе од скромно беше присуството на македонска литература на германското јазично подрачје. Од Луан Старова беше објавена „Времето на козите“ (Zeit der Ziegen), а во 2001. година збирката раскази „Куќата на крајот на селото“ (Das Haus am Ende des Dorfes) од Благоја Ристески Платнар, која беше оценета како „храбар, но неуспешен обид“, поради, според рецензијата, изборот на текстовите во неа.
Романот на Лидија Димоковска, „Резервен живот“ (Reserveleben), добитник на „Книжевната награда на ЕУ“, поточно делови од него, напротив веќе наиде на позитивна критика во еден локален австриски весник, што за преведувачот Зицман е добар знак за овој роман да се преведе и за германската читателска публика. Нејзе идната година ја очекува и романот „Разговор со Спиноза“ (Gespräch mit Spinoza) од Гоце Смилевски, кој треба да биде објавен наесен 2014. „Планирано е да се направи и збирка од повеќе македонски автори, меѓутоа се потребни голема посветеност и средства. Идејата е преку соработка меѓу издавачки куќи, да се направи размена, поточно да се издаде мала антологија од македонски поети на германски и обратно, германска поезија да се преведе на македонски јазик“, но за да се реализира оваа соработка е потребна и поддршка, подвлекува Линднер.
Од здружението „Германски преведувачки фондови“, кое воедно го поддржа романот „Мојата роднина Емилија“ за ДВ истакнуваат дека таквите преводи претставуваат културна придобивка за читателите и градат литературни мостови.