Македонски јазик за Македонците во Голо Брдо
12 јануари 2013Овие потписи заедно со барањето на македонското друштво „МОСТ” на 11 јануари 2013 година се доставени до Канцеларијата за образование во Булќиза, која е надлежна за образованието во Голо Брдо, до Дирекцијата за образование во Пешкопеја и до Министерството за образование на Република Албанија.
Претседателот на македонското друштво „МОСТ”, Бесник Хасани, кој е главниот иницијатор на оваа петиција, вели дека ќе чекаат надлежните институции да се произнесат за нивното барање. Доколку не добијат позитивен одговор, решени се да се жалат кај сите албански и меѓународни институции и да ги употребат сите легитимни средства за реализирање на ова нивно легитимно право.
„Македонците кои живеат во Голо Брдо беа признаени од албанската држава од 1945 до 1949 година. Ова го потврдуваме со изводите од тоа време каде ни беше запишана националноста Македонец, како и училиштата што се отворија на македонски јазик во тој период, со македонски учители од Македонија. Мајчиниот јазик, којшто се зборува во Требиште, Голо Брдо е македонскиот јазик, а децата до седмата година не го знаат албански јазик и почнуваат да го изучуваат во училиште. Поради ова, здружението ’МОСТ’ бара да се воведе предмет за изучување на македонскиот јазик во основното училиште ’Десет покојници’ во Требиште“, стои меѓу другото во барањето.
Петицијата на родителите, понатаму се наведува, е врз основа Уставот на Република Албанија, Законот за образование на Република Албанија, Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, условот што е поставен на Албанија за исполнување на 11-та препорака на Европската комисија за почитување на правата на малцинствата, за добивање статус на земја кандидат за членство во ЕУ, и други конвенции и закони што таа држава ги има потпишано за правата на човекот и на малцинствата.
Областа Голо Брдо во Албанија административно е поделена на три општини -Требиште, Острени и Стеблево, и опфаќа 20 села населени со Македонци. Тука Македонците не се признати од страна на албанската држава и немаат право да го изучуваат македонскиот јазик во училиштата, иако го зборуваат.
Хасани потсетува и на изјавата на албанскиот премиер Сали Бериша, при ланската посета на Македонија, кога на зедничката прес-конференција со премиерот Никола Груевски, на прашање за правото на Македонците да се образуваат на мајчин јазик изјави дека земјата ги има најдобрите стандарди според меѓународните документи за образување на малцинствата.
Според Хасани, политиката на Албанија кон Македонците и другите малцинствата е двозначна.
„Од една страна не се почитуваат правата на малцинства во Албанија, иако Албанија е потписник на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, додека од друга страна многу гласно се жали за правата на албанското малцинство во соседните земји“, смета претседатлот на „МОСТ“ , Хасани.