1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Отец Костов до папата: Бракот и семејството се добри

БГ /АФП
8 мај 2019

Во рамките на посетата на Северна Македонија, папата Франциско од локален католички свештеник слушна зошто е добро тие да можат да стапуваат во брак и да формираат семејство, пишува агенцијата Франс Прес

https://p.dw.com/p/3I6PU
Papst Franziskus in Nord-Mazedonien
Фотографија: Reuters/Y. Nardi

Свештеник од источниот католички обред му објасни на папата Франциско во Северна Македонија дека бракот и семејството го направиле подобар свештеник за време на средбата на понтифот со локалното свештенство. Папата Франциско вчера ја оствари првата посета на Северна Македонија. 
За разлика од латинските свештеници кои мораат да дадат завет на целибат, на свештениците од истокот им е дозволено да се женат.
„Како свештеник, господ ми даде милост да можам да го почувствувам татковството на телото, во рамките на моето семејство, и во исто време духовно татковство, во мојата парохија. Од моето искуство можам да кажам дека овие две нешта се комплементарни“, рече отец Гоце Костов, член на византискиот обред на Католичката црква во Скопје, придружуван од сопругата Габриела и нивните четири синови.
„Моето семејство ми помага во мојата пасторална работа, во моите врски со луѓето, со младите, со децата. Без нив би бил далеку посиромашен“, додаде Костов.
Малата католичка заедница во Северна Македонија, која опфаќа помалку од еден процент од населението во претежно православната земја, доминантно му припаѓа на византискиот обред.
„Вашето сведочење го има тој евангелски мирис на првите заедници“, коментираше папата Франциско.
„Ти благодарам што ни го сподели лицето на Бога со нас, Бог кој никогаш не престанува да не изненадува“, рече папата. 
Но, католичките свештеници со векови смееја да се венчаваат. Според библијата, Свети Петар, првиот папа на црквата, имал сопруга. Целибатот им бил наложен на католичките свештеници од латинскиот обред дури во 11 век.
Во јануари годинава, папата Франциско изјави дека не мисли оти целибатот треба да биде „опција“, иако призна дека можеби треба да се отвори таква можност за „оддалечени места“ , како што се островите во Пацификот или регионот на Амазон.
Идејата веројатно ќе се најде на агендата на следната седница на синодот на која ќе се разговара токму за Амазонија.