1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската состојба на духот

16 септември 2019

Самопрогласениот патриотизам не е заедништво. Не се гради држава со патриотски пароли. Туку со ум и мудрост, со одмереност и прагматичност, со многу работа и уште повеќе самопрегор. Колумна на Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3Peke
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Скарани сме  прво со нас самите, а потоа и со сите други околу нас.  Ова сознание може да биде дијагнозата за состојбата на македонскиот дух. Таа  состојба не е историска митологија, уште помалку метафора, туку  горчливо   секојдневие. Од таа ментална состојба на  недоверба и омраза кон другиот Македонец, на расцеп во однос на стратешките цели, потекнуваат сите  македонски историски порази. Таа особина доаѓа најсилно до израз кога Македонците се оставени самите со себе. Тоа се случи во трите децении транзициско опстојување, без јасна парадигма за заедништво. Во југословенската заедница Македонците имаа парадигма на заедништо, која им ја понуди пошироката државна, политичка и културна рамка. Затвореноста на Македонците во малечката сопствена културна и политичка средина, кои заради спорот со името предолго  се чувствуваа „стигматизирани“ од светот, беше погубна за македонската состојба на духот. Македонците денес се  длабоко разединет народ.

Од Преспанскиот договор некој друг народ, некои други граѓани ќе направеа своја историска шанса да се презентираат пред светот. Со малку поголема сплотеност, со јасна цел за што се работи ( за сложен договор, на кој му претходеа уште посложени преговори), во кој, и покрај промената на името на државата, сепак е сочуван идентитетот - македонски народ, македонски јазик – тој историски миг можеше да стане можност  за македонска промоција во  светот како народ, како култура, како традиција. Нам, на Македонците, сите историски шанси како да ни минуваат пред нос, без да ги забележиме. Ништо не функционира толку совршено денес во Македонија, како тесниот интерес, врските, митото и поткупот. Тој менталитет е изворот и на корупцијата и на неспособноста  на Македонците, сплотено и одговорно да  следат заеднички цели. Тоа, секако, се должи на фактот што  македонскиот народ предолго немал  национална држава. Така со векови се учел да преживее само во својот најтесен круг. Сојот, родот, селото, фамилијата. Само да се преживее. Отаде и недовербата кон другиот Македонец.

Меѓутоа, доколку сакаат да постојат во светот како македонска држава, Македонците мора да почнат да се учат на одговорност и на меѓусебна доверба. Неодговорноста, криминогената енергија не е „судбинска особина“ на Македонците. Оти има безброј Македонци насекаде во светот, кои се одговорни и совесни граѓани, трудољубиви и чесни работници. Кога ќе се преселат во модерните западни општества, најголемиот број од македонските граѓани веднаш сознаваат дека,  за да бидат успешни, тие мора да ги почитуваат законите и прописите, правилата на однесување и работа во таа земја. Зошто тоа не е така и во Македонија? Затоа  што на луѓето им требаат примери за одговорност и чесност, за должност и совесност. Преку примери се учиме  на социјална емпатија. Најдобро сознаваме што  значи чесност и совест кога   тие особини ќе ги видиме во  конкретна личност. Во личноста на родителите, на учителите, на професорот, на лекарот, на судијата, на политичарот. Само така може да се учат децата, но и возрасните  на одговорност кон заедницата. Македонската држава се наоѓа пред тешки задачи во процесот на приближување на стандардите на ЕУ. За да се исполнат тие задачи, треба  заеднички напор од сите во државата. Тоа не е возможно без совесност и одговорност.

Други колумни од Кица Колбе:

-Граматика и политика: Nord-Mazedonien или Nordmazedonien?

-Македонците - систематични само кога мразат

-За Преспанскиот договор, за името Македонија– една година подоцна

Самопрогласените „патриоти”, пак,  го демонизираат секој што е за Преспанскиот договор, за ЕУ и  за НАТО. Најверојатно многу од нив не знаат што пишува во Договорот. Тие порадо им веруваат на теориите на заговор. Не може лесно да се смени „кодот“ впишан  со векови. Жртвата на заговор продолжува да верува во него. Таа тогаш ќе си го создаде самата непријателот. Во другите Македонци. Дури и кога би стоеле на работ на амбис, тие нема да бараат заеднички спас, туку ќе се караат со другиот Македонец за тоа кој е виновен. Целата македонска историја е преполна со такво однесување. Та нели сме „Каинавелија“, нели сме „пиреј“? Да, ама пирејот само преживува. Прашањето е како да се цути како Македонец. Како да  се раѓаат плодови на духот, возвишени дела во   уметноста, како  фреските во Курбиново, како црквите во Охрид? Само така би станеле видливи за светот како Македонци.

Зошто не согледавме дека  Преспанскиот договор, колку и да е несовршен, сепак, е наш прв самостоен државен успех на  заедничкиот пат кон ЕУ? Затоа што ние, всушност, не веруваме во заеднички пат и во заеднички успех. Затоа што Преспанскиот договор го постигнале други Македонци. Ама не ние самите, не „нашата“ партија. Не го слушаме и не го разбираме другиот. Глуви сме, затоа што сме прегласни во омразата кон него. Затоа што ние, Македонците, никогаш не очекуваме добро од светот, туку само зло. Затоа одбиваме и кога светот ни‘ нуди нешто добро. Затоа веднаш ги уништуваме и малкуте никулци во својата земја. Оти, иако сме самобендисани, во душата не веруваме дека некој од нас, Македонците, е способен за нешто добро и големо. И да сака некој да пркне, да посегне по ѕвездите, веднаш толпата го влече назад, во калта на својата  просечност. Умните, скромните, надарените и самокритичните се секогаш молчаливи и тивки во Македонија. 

Да бевме потивки и поскромни, ќе сфатевме веднаш дека Преспанскиот договор ни‘ дозволува да станеме видливи пред светот токму како Македонци со словенско потекло. Не како бугарофили. Не како гркомани. Не како србомани. Тие беа „шифрите“ под кои многу  Македонци беа научиле да  преживуваат во минатото. Што направивме ние во тој миг? Како ураган се впуштивме во борба и омраза еден кон друг и кон тој документ, кој ни дава шанса да излеземе на мегдан со  светот. Затоа што често немаме мерка во ништо, најмалку во омразата. Стануваме лесно погани, безмилосни кон другиот. Живееме во илузии и митови. Затоа што од поразите не учиме, како сите разумни луѓе. Поарно бегаме од нив во митологии. Само во нив ние сме најсилните и најмудрите. Немаме самокритичност. Имаме премногу самовљубеност, а таа се храни од зависта. Нема „златна мера“, за која Аристотел веруваше дека е белег на благороден дух. А немаме мерка  во однесувањето, затоа што одмереноста и одговорноста се учат само кога се живее во заедништво со другите. Немаме долго историско искуство во државотворно заедништво. Југословенското време беше прекусо за да се создаде цврста свест за припадност на државата и на зедницата.

Самопрогласениот патриотизам не е заедништво. Не се гради држава со патриотски пароли. Туку со ум и мудрост, со одмереност и прагматичност, со многу работа и уште повеќе самопрегор. Тоа, за жал, често го нема ниту кај тие што се избрани за тоа, политичарите. Самосвеста, поставувањето на заеднички цели и визии започнува, најнапред, со самокритика, со сознание за  сопствените порази. Ние радо ги прикриваме, префрлувајќи им ја вината  на другите. Затоа едните Македонци мислат дека другите  го „продале името“. Притоа, и едните и другите  преговараа во различни периоди за името. Името никој не го продаде. Како што никој во светот не направил заговор да исчезнеме. Ако некогаш исчезнеме како Македонци, тоа ќе биде  само поради нашата болест, позната со години – македонската разединетост.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.