Македонската репрезентација
26 март 2019Ако сакаме да успее старо-новата држава, треба да почнеме со одреден општествен инжинеринг. Ви звучи страшно? Опасно? Па така се калеше секој челик, дури и овој македонскиот, особено од 1945-та па наваму... Инжинерингот во основа се темели на прецизно, од државата водено, однапред смислено сценарио на создавање на одредени пунктови на заедништво и споделување вредности помеѓу населението кое живее на одредена територија, најчесто наречена држава.
Неодамнешните успеси на македонската фудбалска репрезентација нудат убава можност да размислиме стратешки на темата општествен инжинеринг. Репрезентација, колку тоа гордо звучи. Тоа се најдобрите 11 + 11 репрезенти на фудбалот кои ги дала оваа почва, од Полог па сѐ до Малешевско поле. Тие ја репрезентираат и државата, и себеси, и секој од нас поединечен љубител на фудбалот. Играат под едно знаме, македонското, пејат една химна, македонската, освен оние кои едноставно не ја знаат химната или пак немаат никаква допирна точка со содржината во неа. Ги видовме сите заедно како скандираат „Македонија, Македонија“ во соблекувалната после натпреварите, некои од нив (се одзиваат на презимето Барди, Бејтулаи и Алиоски) дури и на сред терен заиграа нешто што наликуваше на македонско традиционално оро. Орлите со остри канџи тој ден се беа засолниле во високите карпи на врвовите на Шара, Кораб и Дешат. Сепак, мешањето на политиката во фудбалот е неминовна работа, особено кога се однесува на националниот, или државниот, дрес.
Октомври 2010-та година. Олимписки стадион Берлин. Германија ја победува Турција во квалификациите за европското првенство со резултат 3:0. Капацитет на стадионот: 74 илјади гледачи, полн како око. Од присутните таму, 50 илјади се Турци кои навиваат за Турција среде Берлин. Секојпат кога Месут Озил (германскиот државјанин со турско потекло) ќе ја допре топката се слушаат заглушувачки свирежи од 50 илјади турски грла. Озил го дава вториот гол за Германија. По натпреварот изјавува: „Јас имам две срца, едно германско, едно турско“. Јас сум Германец со турско потекло, мене Германија ми даде се’. Незгодна изјава за ушите и срцата на ердоганистичка Турција, ама тоа е. Потоа текот на настаните се менува, и политиката влегува и во срцето на Озил и тој ја напушта германската репрезентација.
Би сакале ваква изјава да даде Енис Барди на пример, а ? Епа сакате ама за тоа треба сите да се потрудиме малку.
Додека ние Македонците се’ уште ги лижеме раните од промената на името, светот околу нас се труди да оди понатаму, напред или назад сеедно. Светот, а особено Европа одамна го решава проблемот со токсичното мешање на политиката во спортот, особено во фудбалот. Успехот е очигледен, иако резултатите не се секогаш совршени. Премиерот Заев неодамна изјави дека дел од помирувањето ќе го започне со навивачките групи. Не знам како го замислува тоа и што му е намерата, но ќе понудам неколку многу конкретни политичко-полициско-легислативни идеи.
Други колумни од Гордан Георгиев:
-„Македонското сценарио“ и спасителите-месии
На темата политички инжинеринг во спортот вреди и да се организира лидерска средба помеѓу претставниците на најголемите партии во државава. Всушност, тие се вистинските водачи на навивачките групи, ако сакаме да бидеме искрени. На ваквата средба, на која ќе бидат поканети и ќе дискутираат и неформалните водачи на главните навивачки групи, лидерите на партиите ќе потпишат меморандум за соработка и ќе се обврзат да направат измени во законите по урнек на европските успешни модели. При таквата средба, не знам точно на кој дел од масата би седел Артан Груби, но тој секако ќе биде корисен да раскаже како се фингираше тепачката помеѓу навивачките групи на Калето, да се види со старите познаници од Шверцерите и Комитите и сепак да се обидат да бидат конструктивни во името на европската интеграција и соодветните лични политички амбиции.
Нашата генерација е сведок како некои работи брзо се поправаат и тоа за релативно краток временски период. Силните кампањи во Европа за стоп на расизмот во спортот очигледно вродија со плод. Високите казни за расистичко поведение полека ја менуваат сликата за спортот а личните расизми и нетрпеливости ги ставаат длабоко на маргините на општеството. Денес, во Европа речиси е невозможно да видиме силни изблици на расизам и национализам на спортските арени. Фудбалските терени ширум Англија денес изгледаат како фестивал на Златно славејче споредено со крвавите сцени на истите тие арени само до пред дваесетина години. Бидете си расист и ксенофоб по дома, ама надвор не излегувајте со тие перја. Бидејќи нема да ви се исплати. Баш да видиме дали ќе ви се исплати.
Силна политичка волја, цврста легислативата и нејзино стрикно применување е клучна во спортскиот инжинеринг. Еве отприлика како се прави тоа.
Си дошол на стадион да гледаш фудбал, ама не ти е нешто погоден денот. Почнува химната на Грција, Албанија, Бугарија, Србија или Шпанија и ти почнуваш да ја исвиркуваш и да пцуеш. Те забележува редарот, му пријавува на полицаецот и леташ надвор од стадион дечко. Ти не припаѓаш на фудбалската агора. Плус прекршочна казна од минимум 500 евра и забрана една година да се појавиш на стадион. Па свири си по дома со другарите пред ТВ.
Игра Македонија против Белгија, Лукаку дава убав гол за Белгија, ти се нервираш и почнуваш да плукаш со расистички испади против Лукаку?!? Те апси полиција на лице место, те изведува од стадион, плаќаш казна 1000 евра и десет години не смееш да припариш на стадион. Игра Македонија против Израел и ти вадиш нацистички симболи на стадион или постираш на ФБ профил?!? Одиш во затвор, таму објаснувај се со колегите од ќелијата број 9. Во Англија ваквите испади, или не дај боже физички инцидент, ги решаваат веднаш, по кратком поступку. Ги приведуваат хулиганите и ги судат истиот ден.
Играш за македонската репрезентација, постигнуваш гол и покажуваш орле со прстињата, орле коешто ни ти не знаеш што значи (бидејќи имаш само 19 години) ама некој вешто те подучил и ти го злоупотребил имиџот и фудбалското знаење?!? Леташ од репрезентација веднаш, суспендиран си на година дена. Даваш политички изјави пред камера, нешто што нема врска со спортот?!? И ти леташ од репрезентација, суспендиран си на година дена. За самите играчи, од најмладите до А репрезентацијата, ФФМ треба да професионално да вработи психолог и социолог кои перманентно ќе работат со нашите млади таленти и сегашните фудбалски ѕвезди.
Пееш за „клетите Шиптари“ на стадион, пред моите деца и нечии внуци, децата ме прашуваат „Тато, што пеат овие чичковци?“ Цела трибина надвор од стадион, водачите суспендирани и прекршочно казнети, следниот пат затвор. Па нека си пеат по дома за „клетите Шиптари“. Вадиш знаме на друга држава на натпревар на Македонија, или македонска лига, скандираш нешто гадно за каурките, моите сестри и пријателки?!? Цела трибина надвор од стадион, водачите суспендирани и прекршочно казнети, следниот пат во затвор. Па нека си пеат по дома за каурките.
Навиваш за Вардар или за Шкендија. И во двата клуба играат барем по 3-4 фудбалери од различна етничка припадност. Треба да си навистина глупав, неосвестен или изманипулиран за да скандираш националистички и фашистички пароли против играчите на својот тим.
Овие практикалии се навистина корисни и ќе дадат брзи резултати. Останува уште поглавиците на навивачко-политичките племиња да покажат повисока свест и политичка волја. А таа работа е најтешкиот дел од приказната.