Македонија: препорака за почеток на преговори со ЕУ во јуни
22 февруари 2018Во разговорот, Хан вели дека обете земји во изминатиот период спровеле важни реформи и на тој начин се квалификувале за овој чекор. Хан притоа ја споменува Албанија која, според него, направила важни чекори во борбата против организираниот криминал.
„Граѓаните на овие земји заслужуваат конкретна европска перспектива“, вели Хан.
Споменувањето на 2025 година, како можен датум за следното проширување на ЕУ, според комесарот Хан носи „позитивен мотивациски притисок во регионот“.
„Преговорите за членство се процес, кој нам ни дава силен лост, да го придвижиме развојот на Западниот Балкан кон владеење на правото и конкурентна економија“, вели Хан за Велт.
Во контекст на проширувањето на ЕУ, германските медиуми денеска ја пренесуваат и изјавата на канцеларката Ангела Меркел дадена на вчерашната прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Берлин.
„Во рамките на ЕУ се прават напори да и се отвори перспективата за влез на Македонија“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. „Меркел упатува на неопходните реформи, пред сѐ во правосудниот систем. Притоа, помошта од ЕУ за изградба на транспортните коридори треба да се забрза. Меркел не сака да зборува за датум за можен влез во ЕУ, и вели дека најпрво мора да се исполнат условите“, пренесува ФАЦ.
И Меркел и Заев се согласуваат дека кинеските инвестиции не се сами по себе лоши, но според германската канцеларка, тие не смеат да бидат поврзувани со политички услови.
Вториот канал на јавниот сервис ЦеДеЕф, ја пренесува оценката на Меркел дека на Македонија и се потребни поголема транспарентност и правосудни реформи.
Магазинот Шпигел во онлајн изданието ја цитира критиката на Меркел кон ЕУ поради бавната реализација на помошта за земјите од Западниот Балкан. Парите не недостасуваат туку проблемот е „колку трае постапката додека одобрените пари се исплатат“, рече Меркел.
„Луѓето не ги интересира третата студија за изводливост, туку, како и при германското обединување, кога ќе биде изграден првиот километар автопат“, рече Меркел.