1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја намалила корупцијата

ЖА/дв/макфакс/миа3 декември 2013

Македонија е на 67-то место според индексот на перцепција на корупцијата во 2013. година во извештај на Транспаренси интернешенл. Албанија е најкорумпирана држава на Балканот, а Грците се најкорумпирани во ЕУ.

https://p.dw.com/p/1ASBj
Фотографија: fovito/Fotolia

Од земјите во регионот пред Македонија се Хрватска на 57 место, Турција на 53., Словенија на 43 место. Македонија го дели 67. место со Црна Гора. Повеќе корупција во регионот отколку во Македонија има во БиХ и Србија коишто ја делат 72. позиција, Бугарија е 77, Грција 80, Косово 111, а Албанија се наоѓа на последното место меѓу балканските земји, заземајќи ја 116 позиција на листата на организацијата Транспаренси интернешенел (ТИ). Невладината организација ТИ констатира напредок во борбата против корупцијата во Грција и според овој показател земјата бележи напредок за 14 позиции - од 94-то место лани на 80-то место оваа година меѓу 177 земји. Споредувајќи ја Грција со Шпанија, ТИ проценува дека иако е силно зафатена од економската криза, Атина презела мерки за борбата против корупцијата, додека Мадрид заостанува по ова прашање.

„Разликата меѓу Шпанија и Грција е меѓу најинтересните резултати“, коментира Фин Хајнрих, истражувач на ТИ, кој смета дека перспективите на Грција се многу подобри. Хајнрих посочува дека во последните години Грција и Шпанија беа соочени со кризата во еврозоната, која е еден од изворите на корупцијата.

„Годинава, меѓутоа, Грција првпат оди кон подобро и убеден сум дека тоа покажува оти Владата изврши фронтален удар врз корупцијата, преземајќи судски постапки и зафаќајќи се со антикорупциски мерки, истакнува Транспаренси интернешенел.

Од рангираните 177 држави, најмалку корупција има во Данска, Нов Зеланд и Финска, а најкорумпирани се Авганистан, Северна Кореја и Сомалија.

Транспаренси интеренешел констатира дека корупцијата останува сериозен проблем во светот и апелира да бидат преземени глобални мерки против неа и појавите што ја поттикнуваат како што се перењето пари, нелегалното политичко финансирање и нетранспарентно работење на државните институции. Индексот за перцепцијата на корупцијата се мери со скала од 0 до 100, а најмногу поени добиваат земјите каде што корупција е најмалку застапена, додека 0 добиваат најкорумпираните.