1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја зајакнува границата

ЕМФ /дпа/миа8 февруари 2016

Македонија ја зајакнува границата кон Грција со поставување двојна заштитна ограда.

https://p.dw.com/p/1HrTo
Фотографија: DW/P. Zafiropoulos

Новата ограда треба да биде долга 37 километри. Подготовките за поставување уште една жичена ограда во близина на веќе постоечката почнаа во саботата, а работите стартуваа во текот на вчерашниот ден. Македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека вчера биле регистрирани повеќе од 2800 бегалци и мигранти кои се на пат за север, во насока на Австрија и Германија.

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц денеска со посета на Сараево ја почнува турнејата по неколку балкански држави. Австрија размислува за испраќање ЕУ-полицајци и војници на македонско-грчката граница кои би помогнале за нејзина поефективна заштита и за регистрација на бегалците.

Агенцијата ДПА во својата анализа со наслов „Балканските земји од ЕУ бараат концепти за бегалската криза“ денеска наведува дека земјите кои се наоѓаат долж балканската рута стравуваат оти најавениот нов австриски режим на границата ќе биде причина кај нив да завршат десетици илјади бегалци и затоа молат ЕУ да претстави концепт за излез од кризата. Австрија, имено, најави воведување годишен лимит на бегалци кои ќе бидат примени (37.500) и има намера уште во текот на овој месец да почне со секојдневно намалување на бегалците на кои ќе им биде дозволен влез во земјата.

Минатата година преку т.н. Балканска рута во Западна Европа дојда околу еден милион мигранти. Министрите за надворешни работи на Хрватска и Македонија, Миро Коваќ и Никола Попоски, како и српскиот премиер Александар Вучиќ, постојано бараат инструкции од Брисел за начинот на кој бегалската криза би се ставила под контрола, наведува ДПА. „Неопходно е да слушнеме сеопфатно европско решение“, вели Вуќич постојано. Досега, меѓутоа, од Брисел такво нешто нема.