Македонија стана членка на Советот за човекови права на ОН
13 ноември 2013Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски оцени дека работата во Советот ќе придонесе за глобално почитување на основните права на човекот.
„Наша главна цел е со учество во ова тело на ОН, кое би било прво од таков вид за Македонија, да придонесеме за глобалната промоција на човековите права и сметаме дека со она што го овозможуваме како Република Македонија и со принципите на меѓународното право кои ги промовираме ќе бидеме еден добар и забележителен член на телото, Совет за човекови права на ОН“, истакна Попоски.
На состанокот на Високо ниво на 22 сесија на Советот за човекови права, Попоски уште рече дека „членството претставува дополнителен поттик за продлабочен ангажман“ на државата за „постојано подобрување на состојбите со човекови права во интерес на исполнувањето на обврските и заложбите од страна на државите во однос на носителите на правата ширум светот“.