1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија со тројца олимпијци на ЗОИ во Сочи

Златко Калински31 јануари 2014

Македонскиот олимписки тим за Сочи ги доби завршните контури. Македонија на ЗОИ ќе биде претставена со тројца спортисти. Тоа се алпскиот скијач Антонио Ристевски и „нордијците“ Дарко Дамјановски и Марија Коларовска.

https://p.dw.com/p/1B0FI
Фотографија: KIRILL KUDRYAVTSEV/AFP/Getty Images

Тројца македонски спортисти со своите резултати го обезбедија учеството на предстојната Олимпијада. Алпинецот Антонио Ристевски по три месечното патешествие на „белите патеки“ низ Европа со исполнета „А“ норма го обезбеди своето второ учество на Зимските олимписки игри. Ристевски ќе стартува во дисциплините слалом и велеслалом. До рамо му е Дарко Дамјановски. Најдобриот македонски репрезентативец во скијачко трчање исто така обезбеди „А“ норма. За него Сочи ќе е трет олимписки настап. Марија Коларовска со „Б“ норма ќе биде дел од натпреварите во скијачко трчање.

Ристевски завршните подготвителни денови ќе ги реализира во бугарскиот зимски центар Пампорово. Нордијците подолг период подготвеноста ја градат на Планица во Словенија.

Тежок македонски пат до настап на ЗОИ

Македонија мораше да мине долг и трнлив пат до првото учество на ЗОИ. Почетоците датираат од исклучително турбулентното време на раните 90-ти години. Денови кога се параа републичките граници на поранешна Југославија. Првата македонска олимпијка е алпинката Весна Дунимагловска, која беше дел од нецелосниот југословенски тим на Игрите во Албервил во 1992 година. Како независна држава веќе примена во Меѓународниот олимписки комитет, за Македонија Олимпијадата во Лилехамер во 1994 година остана недостапна.

Felix Neureuther Wintersport Ski Alpin Slalom
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во тоа време на тешка битка на Македонија за државна легитимност и преку спортот, Олимпијадата во Лилехамер беше многу важна. Но, беа испречени високи бариери предизвикани од познатите политички настани во тој период. Имено, премногу долго трае приемот во членство на Светската скијачка федерација, кое е услов за настап на Олимписките Игри. Така, возот за Лилехамер е испуштен, а зачекорувањето на ЗОИ се случува четири години подоцна.

Во Сочи петто учество

Македонската историја на ЗОИ започна во 1998 година, на 7 февруари. Политичката деструктивност е потисната од зракот кој доаѓа од Далечниот Исток. На олимпискиот полигон во јапонскиот град Нагано прв пат се појавува и македонското знаме пред делегацијата, која е претставена со тројца спортисти: алпинците Александар Стојановски и Јана Николовска и нордиецот Ѓоко Динески. Во 2002-та година во Солт Лејк Сити Дејан Пановски беше дел од натпреварите во слалом и велеслалом и Ѓоко Динески во скијачко трчање. Во Торино четири години подоцна настапија тројца дебитанти: Ѓорѓи Марковски и Ивана Ивчевска во алпско скијање и Дарко Дамјановски во скијачко трчање. На последната Олимпијада во Ванкувер во 2010-та Македонија беше претставена од Антонио Ристевски во алпско скијање и Дарко Дамјановски и Росана Кировска во скијачко трчање. Резултатите кои зад себе ги оставаат македонските репрезенти, во светски рамки се скромни. Тие се далеку од височините во кои се коваат сништата за освојување медал.

Bermuda Ski Langlauf Tucker Murphy
Фотографија: imago

Точно 16 години подоцна, на 7 февруари 2014 во Сочи, Македонија петти пат ќе биде дел од спектаклот. Настан во кој македонската резултатска стварност ќе ја поделат уште стотици држави од светот со скромни можности во специфичните зимски спортови, но со олимписките начела и дух пред себе. А, моќните спортисти 16 денови ќе го восхитуваат светот со брзините и издржливоста на снегот, со далечините, со силата и виртуозноста , со уметноста на движењата...