Македонија се надева на паралелни преговори со ЕУ и за името
14 септември 2017Во разговорот, Димитров потврдува дека, сепак, барањата на Скопје да ја користи привремената референца БЈРМ за влез во меѓународните организации, не било веднаш прифатено од Атина. Нов состанок меѓу претставници на двете држави се очекува подоцна во текот на месецов во Њујорк за време на Генералното собрание на ОН. Без оглед на исходот, Македонија посакува ЕУ да ѝ дозволи да ги отвори пристапните преговори.
„Доколку направиме доволно реформи дома, се надеваме дека би можеле да дојдеме до почеток на преговорите со ЕУ и паралелно да ги водиме преговорите околу спорот за името“, вели Димитров.
Со оглед на времетраењето на процесот на преговори за членство во ЕУ, Грција ќе има доволно простор да го запре процесот, доколку оцени дека преговорите во спорот за името не се одвиваат добро, пишува Ројтерс. Агенцијата потсетува дека претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер им испратил охрабрување на земјите од Западниот Балкан најавувајќи во својот говор во средата дека мора да се одржи „веродостојна перспектива за проширување на Западниот Балкан“.
Кај зачленувањето во НАТО состојбата е појасна, тврди Ројтерс, додавајќи дека таму нема многу простор за попуштање од Грција.
„Не можеме да се тепаме за членство во НАТО, туку треба да разговараме за тоа“, вели Димитров. „Атина треба во нас да види сојузник... на долг рок е во интерес и на Грција на својата северна граница да има сосед во кој владее правото“.