1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема договор за екстрадиција со Грција

19 октомври 2017

Бидејќи Македонија и Грција немаат договор за екстрадиција, двајцата приведени може брзо да и бидат предадени на Македонија со договор на двете министерства за внатрешни работи, вели Павле Трајанов ексминистер во МВР

https://p.dw.com/p/2mAgU
Symbolbild Festnahme Flüchtling
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Bockwoldt

„Македонија нема договор за екстрадиција со Грција“, вели поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, осврнувајќи се на тврдењата дека таа правна постапка може да трае неколку месеци во однос на осомничените од СЈО - Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои вчера беа приведени од грчката полиција на аеродромот во Солун. 

„Со оглед дека немаме потишано договор за екстрадиција со Грција, согласно со досегашната практика, депортацијата на двајцата приведени може да се заврши многу брзо со директна комуникација меѓу двете министерства за внатрешни работи. И досега практиката во вакви случаи одеше по скратена постапка и на ист начин. Односно, бараните лица во договорено време се предаваа на некој граничен премин“, вели Трајанов.

Pavle Trajanov
Павле Трајанов тврди дека Македонија и Грција немаат договор за екстрадицијаФотографија: DW

Според него, тоа значи дека Грујевски и Бошковски може многу брзо да бидат испорачани во Македонија. 
Специјалната обвинителка Катица Јанева во изјава за ДВ денеска изрази надеж дека екстрадициската постапка за двајцата обвинети ќе заврши брзо и тие наскоро ќе се најдат на обвинителна клупа. 
Грујевски и Бошковски беа уапсени од грчката полиција која постапувала по меѓународна потерница на аеродромот во Солун. Двајцата припадници на УБК се во бегство од 26 јули годинава, кога Апелацискиот суд издаде наредба за нивно спроведување во Истражниот затвор Скопје. Оттогаш по нив се трага со меѓународна потерница. Во меѓувреме беше откриено и дека Грујевски си создал двоен идентитет, односно лажни лични документи на име Владимир Варелов.