Нема излез од кризата со селективна правда
17 април 2015Македонија чмае, нејзината криза со секој одминат ден незапирливо расте, а Вашингтон му помага на Брисел во чекорите за изнаоѓање излезно решение. Вака аналитичарите ги оценуваат дипломатските посети на Скопје, кои испраќаат порака дека со недејствување или со нецелосно и селективно институционално дејствување земјата нема да излезе од политичката криза. Една од нив е и пораката што американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји, ја упати по вчерашната средба со премиерот Никола Груевски, а накусо гласи: случаите „Пуч“ и „Прислушкување“ мора да добијат еднаков судски третман.
„Во оваа криза постои правен процес што е отпочнат за да се пронајде одговорноста за снимањето или објавувањето на снимките. Тоа е важен аспект и ние го почитуваме. Но, има и прашања за злоупотреба на овластувањата на Владата. И тие исто така мора да се процесуираат. И за овие прашања треба одговор и одговорност. Бараме од Владата и институциите, обвинувањата, инсинуациите за злоупотреби и за можно нелегално однесување да ги земат многу сериозно, барем исто толку сериозно како што ги третираат обвинувањата против лидерот на опозицијата“, рече американскиот претставник и порача сите актери на македонската политичка и општествена сцена да дејствуваат одговорно: „Што се однесува до опозицијата, се надеваме дека опозицијата ќе може да се врати во парламентот што е можно побргу за да ја игра својата демократска улога за која е избрана да ја има. Се надеваме дека македонските граѓани ќе се обединат заедно во надминување на оваа криза, ќе дејствуваат конструктивно и ќе најдат начин за излез од кризата“.
За разлика од брзината на третманот на предметот „Пуч“, за кој Обвинителството до крајот на следната недела ќе се изјасни дали ќе покрене обвинение, за повеќе од 30 кривични пријави што ги поднесе опозицијата во врска со случајот „Прислушкување“, досега ниту едно лице се уште не е повикано на распит. Според аналитичарите, пораките од Вашингтон укажуваат дека „мониторингот“ врз Македонија е почнат и никој не ќе може да се самоамнестира од одговорност. Нееднаквиот однос на обвинителството кон двата предмета, само ги потврдува забелешите на ЕК и на други институции и организации дека во Македонија функционира селективна правда. Аналитичарот Рамадан Рамадани токму таква забелешка чита и во пораката што Хојт Ји ја упати до македонската власт.
„Тоа е директна порака до власта дека веќе нема да може да продолжи со преклопување на институциите да работат само во нејзина полза. Во пораката конкретно беше посочена диспропорционалноста помеѓу покренатите случаи. Порака кон судството е во делот на храбрење на судската и обвинителската фела дека имаат цврста гаранција и поддршка да настапат понезависно и вон актуелната поклопеност наметната од власта“, вели Рамадани.
Господар на мирот и војната
Високиот американски претставник дојде во посета на Македонија, еден ден по втората рунда разговори меѓу претставници на македонската власт и опозиција со европската парламентарна тројка во Брисел. Според дипломатски извори во Скопје, „оваа посета не значи минимизирање на напорите на Брисел, туку дипломатска активност со иста цел - наоѓање на најдобриот пат за излез од кризата“. Разговорите во Брисел со договор на учесниците во нив и натаму се држат во тајност, но јавноста нема големи очекувања дека тие ќе вродат со плод, без оглед на јасната намера на ЕУ да и помогне на Македонија.
„Заради се уште недоволните информации за текот и обемот на разговорите во Брисел, не можеме да ја оцениме ефикасноста. Но, тие разговори се важни за Македонија и заради последователното учество на европска помош и гаранција за иднината на решението и на Македонија“, смета Рамадани.
Поранешниот амбасадор, Ѓорѓи Спасов, засега не очекува каков било напредок од тие разговори, доколку и натаму се премолчува изворот на проблемите.
„ЕУ ќе мора прво да излезе со јасна оценка за владеењето на Груевски. Ако според нејзината оценка Македонија е се уште функционална демократија а не диктатура, и ако не побара отчет од Груевски за потрошените 600 милиони евра што ЕУ и ги има дадено на Македонија за подготовки на Македонија за членство во ЕУ, тогаш тешко ќе дојде до било каков напредок. Груевски нема да ги сфати сериозно заканите за одземање на препораката за членство, а ЕУ не располага со друг инструмент за принуда да ги почитува европските вредности и Уставот на Македонија. На тројцата пратеници од европскиот парламент треба да им биде јасно дека во овој момент на Груевски му е поважно што мислат за него Руската православна црква и кинеската влада, од она што мисли за него ЕУ. Тој во овој момент мисли дека е локален господар на мирот и војната во Македонија и дека треба него да го молат за некакво помирување со опозицијата. Се додека не му се стави јасно до знаење дека нема подршка за ова што го прави во Македонија, и дека треба да се повлече од функцијата премиер, тој нема да ги сфати серизно разговорите во Брисел. Ќе биде подготвен да разговара како за разликите околу името со Грција, најмалку уште 20 години. Но без резултат и со објаснување дека за тоа е виновна другата страна“, вели Спасов.
Вашингтон да го охрабри Брисел
За решавање на спорот за името, кој покрај другите, е една од причините за застојот на македонската интеграција во ЕУ и НАТО, интензивно повикува лидерот на владејачката ДУИ. На вчерашната средба со Хојт Ји и со амбасадорот на САД, Џес Бејли, Али Ахмети ја истакнал итноста од ставање крај на политичката криза, со цел да се врати концентрацијата на сите општествени сили за решавање на спорот за името и интеграцијата во НАТО, бидејќи според него, тој процес гарантира безбедност, но и стабилни меѓуетнички и соседски односи и економски развој. Важноста од интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО ја потенцирше и Хојт Ји.
„Ја повикуваме Владата да работи со нејзините партнери за решавање на оваа криза со што ќе ја потврди определбата за интегрирање во ЕУ и НАТО и принципите и вредностите врз кои почиваат тие организации, демонстрирајќи посветеност на највисоко ниво за владеење на правото, транспарентност, правичност, почитување на слободата на говорот и независност на судството. Ги повикувам сите чинители во општеството, вклучително и медиумите, граѓанското општество, политичката опозиција да направат се што можат да го промовираат овие вредности - темел на евроатланската заедница“, порача Ји.
Од ДУИ велат дека Ји и Ахмети „отворено и опширно“ разговарале за политичката криза во Македонија, за придонесот на ДУИ во нејзиното надминување.
„Претседателот Ахмети ја изрази подготвеноста на ДУИ да даде конкретен придонес кон итното надминување на состојба на политичката криза во земјата, исто така и да им помогне на пријателските држави во меѓународната заедница, за да можат тие да ни помогнат нас.
Г-дин Ахмети исто така побара Вашингтон да ги охрабри партнерите во Брисел за да продолжи со поинтензивен процес на преговорите меѓу страните, особено во пресрет на министерскиот состанок на НАТО во мај. Секое решение на политичката криза треба да биде резултат на политичкиот дијалог помеѓу партиите во земјата. ДУИ на прво место ги има ставено интересите на општеството и државата пред тие на партијата и ќе продолжи да се однесува како државотворна партија“, се вели во партиското соопштение по средбата.
Од ДУИ не сакаат да коментираат дали придонесот на таа партија за интересите на државата би бил напуштање на владејачката коалиција, кое во пакет со враќање на опозицијата во Собранието, аналитичарите го сметаат за поизвесна формула за „институционално“ разрешување на Владата на Груевски. Овие математики кои се прават во домашните политички кулоари, се вртат и во дипломатски кругови, но засега во „ракавици“.
„Без ракавици“ се очекува да го соопшти својот став постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, Даниел Баер, кој денеска ќе допатува во Скопје со неколкумина колеги амбасадори. Тие ќе се сретнат со претставници на власта, опозицијата и на граѓанското општество.
„Загрижени сме од влијанието на Владата врз медиумското покривање на актуелната ситуација и дека тоа може да ја попречи дебатата по прашања од јавен интерес. Карактерот на овие прашања бара итно внимание од македонските власти - граѓаните не заслужуваат ништо помалку“, изјави Баер минатиот месец.