1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија негува здрав ислам“

16 август 2010

Какви верници се македонските муслимани? Колку ги практикуваат обичаите? Зошто се‘ помасовно се враќаат кон верата? Македонија негува традиционален ислам а 33 проценти од населението се муслимани, сега го слават Рамазан.

https://p.dw.com/p/Omkp
Молитва во џамија во МакедонијаФотографија: DW

Изгрејсонцето го става во искушение 26 годишниот Един. Новиот ден носи нов предизвик. Да истрае во постот. Да не касне ништо се‘ додека не се стемни. Светиот месец дава енергија, обезбедува волја да се издржи и тоа без големо колебање.

“Постам, но имам енергија да се натпреварувам на кое било поле во животот. Ако решите да направите нешто во име на бога, се‘ е лесно“, објаснува младиот верник. Македонија негува здрав ислам, затоа од година во година расте бројот на вистински верници, тврди имамот Гафур Јусуфовски. Според него младите се враќаат кон верата, се‘ побројни се оние кои ги практикуваат верските обичаи.


“Во поново време младината ја почитува верата. Не знам дали тоа зависи од верските обичаи и книги или од политичките прилики“.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

Религијата како сигурност?

Дали во ова динамично време кога битката за егизстенција е беспоштедна, а иднината неизвесна, религијата може да им обезбеди сигурност на луѓето? Што му значи верата во Алах на еден млад човек кој секојдневно се среќава со световните недостатоци? Јасмин верува во Бога откако знае за себе.

“Најважно е да се најде душевен мир а тоа го овозможува верата“. Слично за верата размислува и Един.

“Верата е секој час, секој миг. Ние сме многу скржави. Господ ни дал 24 часа во денот. Ние треба да одвоиме 1 час да му се обратиме. Не заради него, туку заради нас самите“.

Mazedonien Islam Streit
Спор во Исламската верска заедница-институционалните проблеми да не се мешаат со верските чувстваФотографија: Petr Stojanovski

Против злоупотреби на исламот

Ранливоста на исламот во Македонија, слабостите со кои се соочува исламската верска заедница нашите соговорници ја објаснуваат како институционален проблем и не сакаат да ја мешаат со верските чуства. Им пречат злоупотребите на исламот.

“Во последно време исламот многу се злоупотребува, како во светот така и кај нас во Македонија“.

Првите податоци за исламизирањето во Македонија датираат од 15 век. Денес според некои проценки околу 33 проценти од вкупното население во Македонија е муслиманско.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска