1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на дневен ред во Бундестагот

Ж. Ацеска3 јуни 2016

Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг идната недела (08.06) ќе разговара за „актуелната ситуација во Македонија“.

https://p.dw.com/p/1J06d
Фотографија: Reuters/S. Loos

На дневниот ред на Комисијата за надворешна политика на германскиот парламент идната недела, в среда (08.06) е ставена и точката „Актуелната ситуација во Македонија“.

Пратеникот Јосип Јуратовиќ, известувач за Македонија и за Југоисточна Европа од Социјалдемократската партија, по тој повод истакнува:

„Екстремно сме загрижени поради внатрешно-политичката ситуација во Македонија. На Македонија и‘ е потребна регионална соработка наместо општествени раздори, правна држава и слобода на медиумите наместо надгледување.“

Diplomat Johannes Haindl
Јоханес Хајндл инсистира на скори реформиФотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Јоханес Хајндл, специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер за Македонија, кој неколкупати патуваше на разговори во Скопје заради наоѓање излезно решние од кризата, неодамна во интервју за Дојче веле изјави:

„Следниот извештај во кој Европската Комисија ја оценува способноста на земјата да започне преговори за членство со ЕУ ќе биде објавен наесен. Од тој аспект, времето е навистина кусо. Но, тоа е и доволно долго, за да се постигне потребниот напредок - под услов веднаш, без натамошно одлагање, да се започне со потребните реформи. И ние сме подготвени да помогнеме.“

Претходно и државниот министер Михаел Рот порача дека Берлин е „екстремно загрижен за внатрешно-политичката состојба во Македонија“. Притоа, тој наведе два услова кои земјата итно мора да ги исполни: создавање услови за демократски и слободно избори и целосна поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство.
„Политичките партии повеќе не смеат да го ставаат на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија и мора да остварат конкретни резултати“, порача Рот.