1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија – воена алка на светот

Милчо Јованоски6 јуни 2014

„Македонија е во јадрото на Европското воиште. Потврда се примерите од историјата. Регионот и натаму е ’црна дупка‘ и може да е фатален при иден конфликт“, вели за ДВ универзитетскиот професор Митко Котовчевски.

https://p.dw.com/p/1CDYh
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Во Охрид, во организација на Факултетот за безбедност од Скопје, се одржа меѓународната научна конференција „Македонија и Балканот – 100 години по Првата светска војна - Безбедноста и Евроатлантската интеграција“.

„Македонија со својата географска поставеност е во центарот на Балканскиот геополитички крстопат и отсекогаш била интересна како подрачје низ кое поминувале сите освојувачки походи. Сите империи го окупирале и утврдувале овој простор, го бранеле и последен го напуштале. Токму за гео-тратегиската и воено стратегиската позиција на Македонија во Европа и Балканот на територијата на Македонија има околу 2000 тврдини кои датираат од сите епохи користени во различни периоди. Со сериозна анализа ќе забележиме дека тие се лоцирани на различни оперативни стратегиски правци кои водат од соседните држави кон Република Македонија, но и во глобалните правци кои поминуваат низ територијата на државата. Тие се во зафатот на јужноевропското војувалиште, во кој центраен дел зазема Балканскиот Полуостров“ вели д-р Митко Котовчевски, професор на Филозофскиот факултет и Институтот за безбедност, одбрана и мир во Скопје.

Македонија предмет на студии и во фокусот на разузнавачите

Всушност, Македонија отсекогаш била интересна и од стратегиски, географски, сообраќаен, од политички и историски аспект. Нема епоха во која не поминале војски. Од тоа најмногу страдало населението кое живеело на тие простори. Д-р Котовчевски признава дека на оваа тема се навраќа по цели 35 години, во времето кога ја издал и денес актуелната студија „Македонија - воена алка на светот“: „Тоа беше книга со која сакав да го докажам тврдењето дека Македонија не само што е цивилизациска , туку и воена алка на светот. Кога се соочив со над 35 илјади податоци кои требаше да се стават во една корелација сфатив дека пред мене е тешка и напорна работа. Се потврди дека Македонија е навистина и воена алка на светот. Со нејзината геостратегиска позиционираност се потврди дека сите империјални сили во минатото и моќните сили од 20 и 21 век со големо внимание го следат и буквално се фокусираат на овој простор. Сакале и сакаат да остварат свое влијание и позиционирање. Во таа насока оваа книга прерасна во една стратегиска, разузнавачка студија. Таа предизвика интерес и кај голем број разузнавачки служби кои ја преведоа за свои потреби“.

Украина и стравот од домино ефект е присутен

Европа на безбедносен план сега се занимава со случувањата во Украина. Будно се следат реакциите на НАТО и Русија. На прашањето - каде е Македонија во оваа безбедносна приказна, Котовчевски одговара: „Факт е дека воено-политичката и безбедносната состојба во Европа се комплицира, заострува и влошува, посебно по настаните во Украина. Сепак, не можеме да кажеме дека таа е сериозно разнишана и дека има некои посериозни закани. Но, треба мудро и будно да се следат сите промени во контекст на безбедноста. Треба да се следи ескалацијата на тој конфликт и можноста од прераснување во меѓудржавен конфликт или во директен конфликт меѓу Русија и НАТО. Тогаш во една таква околност предвидувањата се мошне неблагодарни, односно веднаш би дошло до ескалација на еден поголем географски простор во Европа. Тоа значи дека Македонија, како дел од европското воиште, без исклучок и без своја желба, би била втурната во воен виор“, објаснува Котовчевски.

Mazedonien Internationalle Konferenz für Sicherheit und Verteidigung in Ohrid
Дел од учесниците на конференцијата во ОхридФотографија: DW/M. Jovanoski

Македонија се’ уште дел од безбедносната „црна дупка“

Ниш-Скопје-Софија - тоа е стратегискиот центар на Балканот, а во исто време и стратегиски центар на јужноевропското војувалиште. Според аналитичарите, тој што го поседува овој клучен стратегиски центар ќе може да ги насочува своите сили таму каде што му е потребно. Белград-Ниш-Софија, Босфор преку Дарданелите и во Мала Азија е втората трансверзала, а значаен е и Вардарско-Моравскиот правец, преку кој се поврзува Централна Европа со Медитеранот. Во Македонија се вкрстуваат и двата главни меѓународни стратегиски и комуникациски правци Париз-Калкута и Хелсинки-Кејптаун. За Македонија во мигов битна е внатрешната и надворешната кохезија и стабилноста на политички и безбедносен план. Можно ли е кризата со Украина да го забрза приемот на Македонија во НАТО? Котовчевски оценува: „Логично, и од стручен аспект би било добро, некој да ги земе предвид сите овие констелации и тврдења. Да го заокружи овој простор во една целина и да го интегрира во тоа заедничко НАТО-семејство. Но, оваа логика се коси со логиката на политиката, која исклучиво бара решение на името, па влез во алијансата. Дури и при еден безбедносен вакуум, Балканот и Македонија се безбедносна 'црна дупка‘ која може да биде фатална во некој иден конфликт и за вкупната европска безбедност. Сепак, и покрај тоа, политиката досега се покажа упорна и бескомпромисна - да се реши името, па се’ потоа“, заклучува доктор Митко Котовчески.