1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија влегува во НАТО како колос на мирот

6 февруари 2019

И мала земја може да направи гигантски чекори за стабилизирање на регионот. На таквите земји и не им прилега епитетот „мали“. Малата Македонија со дела покажа дека е фасцинантно голема.

https://p.dw.com/p/3CpFG
Belgien | Nato-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Не важи за воена сила, не е на мапата на земји кои произведуваат супермодерни борбени авиони или современи оружја со предзнак - последниот крик на технологијата, а нејзините војници до вчера не можеа да се пофалат со резервен пар чизми или униформи... Поради отсуството на вакви „технички карактеристики“ во досието на Македонија, опонентите на процесот на проширувањето на НАТО подолго време го држеа во кондиција прашањето - што му значи на НАТО членството на Македонија? Не недостигаа ниту наслови од типот „НАТО прима во своите редови уште едно воено џуџе“, алудирајќи дека претходното примено „џуџе“ е Црна Гора.

Евидентно е дека ваквите погледи за најголемиот политичко- безбедносен сојуз останале стеротипно врзани исклучиво за габаритот на воените ресурси. Да, Македонија е мала земја, со дефицит од модерно оружје, но со суфицит од најважниот безбедносен ресурс: подготвеност за дијалог, подготвеност за инвестирање во добрососедство во регионот. Не тежи во оружје, тежи во агенсот за мир. Овој ресурс не може квантитативно да се претстави со бројки, како што може да се претстави бројот на тенкови, пушки, авиони... Тој ресурс се мери со дела - оние со кои се уриваат последните националистички ѕидови и се затрупуваат историските ровови во кои инкубаторски се негуваат и одржуваат замрзнати конфликти или се креираат нови непријатели.

Belgien | Nato-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Повеќе:

-Столтенберг и Димитров: Ова е историски ден

Според овој ресурс, Македонија го држи шампионското место во овој дел на Европа. И тој не се мери само со ставката од буџетот кој се издвојува за одбраната, што некои ја толкуваат како „безбедносно ирелевантна“. Македонија, и со таа и без таа ставка, е безбедносно многу релевантна да стане 30-та членка на трансатлантското семејство. Таа е во срцето на Балканот, доживуван како историски нестабилен и политички фрагилен регион, кој се уште не е излезен од процесот на квази-сукцесија на историското наследството, а врз кој секоја земја ги гради сопствените митови за „најстар народ“, инвестирајќи преку тоа во нови ривалитети и безбедносни ризици.

Македонија преку историскиот Договор од Преспа излезе од тој опасен вртлог, но создаде и модел за почит. Не беше тоа лесен пат ни за македонскиот, ни за грчкиот премиер. И двајцата ги ставија настрана манирите на нивните претходници за лов на популистички поени, и најдиректен начин инвестираа во пример за дијалог, разбирање и мирно решавање на споровите на Балканот. А што е улогата на НАТО, ако не примарно политика на дијалог и превентива?

И пред зачленувањето на Црна Гора во НАТО, се слушаа потценувачки тонови: дека е „микро држава“, „безбедносно маргинална“, „невидлива на картата на светот, „најпозната од филмот за Џејмс Бонд 'Казино Ројал' затоа што дел од дејството се одвива  во Монтенегро“... Некои иронизираа споредувајќи ја со модерна верзија на измисленото војводство на Гранд Фенвик од книгата „Глушецот кој рикаше“ на Леонард Виберли, и како земја која „дури со 2.000 војници“ ќе ја зајакне Алијансата. Такви пежоративни компарации продолжија со „податокот“ дека со македонското членство големата Алијанса неколкукратно повеќе ќе ги зголеми колективните сили - „дури со 8.000 војници и 31 тенк“.

Денешните силни аплаузи во седиштетото на НАТО по потпишувањето на пристапниот протокол, покажаа дека Алијансата во своите редови поканила силен инвеститор во мирот и безбедноста и земја со која дели исти демократски вредности. Дека не прима „воено џуџе“, туку колос на мирот.

„Историски“ подарок за Димитров

Тоа е најголемото признание што може да го добие една земја. И добро е што македонскиот министер за надворешни работи заслугите јавно им ги припиша на неколкуте балкански државници и визионери - Зоран Заев, Алексис Ципрас и Бојко Борисов. Илустративен беше неговиот заклучок: „Мојата земја од денеска е многу силна“. А како и не би била, кога толку пријатели и сојузници за мир станаа на нозе да аплаудираат на македонското визинерство и државништво. Честитаа за храброста да се испише нова историја во која не ѕвецкаат орудијата на национализмите и споровите, туку пораките за мир. 

„Славата“ на војводство од Гранд Фенвик, сепак, ќе мора да ја преземе некој друг. Некој што предоцна ќе сфати дека и мала земја (според територија) може да направи гигантски чекори за стабилизирање на регионот и да добие толку многу пријатели на тој пат. На таквите земји и не им прилега епитетот „мали“. Малата Македонија со дела покажа дека е фасцинантно Голема во најважната современа битка - за мир и за пријателства.