Старото и новото
16 јуни 2021Колку се различни сликите на претходниот и овогодинешниов НАТО самит? Отприлика исто толку различни, како и космополитскиот имиџ кој го еманира Заев, наспроти инаетчиската и застарена слика која ја проектира Радев. Истото важи и за илустративниот контраст помеѓу Заев и Мицкоски, барем последните неколку дена. На една страна имаме имиџ на новото, прогресивното, модерното и светското, а нa другата страна старото, ретроградното, стутканото, тесноградото, малограѓанското. Ова е целосно и дијаметрално спротивставената слика, која ја гледаме последните неколку денови во медиумите.
Самитот на НАТО во Брисел минува како во калеидоскопски слики на кои е импонирано старото и новото лице на сојузот. Оваа средба се случува во време на посериозни предизвици на Алијансата, и внатрешни и надворешни. Првата задача на лидерите е да ја поправат штетата која ја остави Трамп. Под мантрата за еднаков финансиски товар, тој успеа толку да ја наруши довербата и ефикасноста на Алијансата, што таа остана блокирана, токму во време кога хибридните закани станаа реален безбедносен проблем, а влијанието на Русија повторно се етаблираше во овој регион. Затоа, фрапантна е разликата во атмосферата во која се одвива овој самит – од конфликтен и мачен собир без реален резултат, до слика на единствена порака, нова хомогенизација и заеднички план за иднината – она што Меркел го нарекува „ново поглавје“ во НАТО. Таа нова динамика во која се одвива овој самит, реално е охрабрувачка за иднината на Алијансата.
Ние, се разбира, имаме причина да бидеме среќни со ваквиот развој на настаните, најмногу геостратешки, но особено што за првпат настапуваме на самитот како едни од еднаквите со најсилните. Приемот кој го имаме во Брисел, како и пораките на единство, третманот и позициите кои сега ги уживаме – тоа се реално нови слики во македонската политика, и нѐ тераат да се чувствуваме свежи, космополитски, условно речено, како дел од нормалниот свет, малку одвоени од локалниот жабарник, барем на ден-два. Заев, иако ќе пожнее најголем дел од ловориките за овој успех, секако нема монопол на таа заслуга. Тоа е придобивка на сите нас, и реален квантен скок за државата.
Гарант за стагнација
Токму затоа ме изненадува (повторно), како ВМРО ДПМНЕ упорно се труди, и на крај успева, да се исклучи себеси од таа придобивка. Тој пат е гарант за стагнација и изолација на партијата. Од перспективата на сите светски лидери кои му честитаат на Заев за лидерството, обраќајќи му се со „диар Зоран“ (или како Макрон „шер Зоран“), во друштво на светската елита, во контраст, некако изгледа целосно вештачки и надминат протестот на опозицијата, во стариот и излитен манир на однапред ковертирано „велепредавство во најава“, каде сѐ уште се веат знамињата на „вергина“, се сонува за освојување на Солун, и се вреска „со тебе сме војводо...“
Мицкоски можеби и нема избор: ако бира помеѓу лојалните националисти и лабилните проевропски демохристијани, има логика да ги држи лојалните, а да не се коцка со лабилните, бидејќи нема никаква гаранција, доколку го смени и модернизира наративот на линија на евроатлантските интеграции, како ќе помине кај таа целна група, која сепак, за надворешна политика, повеќе ѝ верува на власта. Оттаму, иако имам разбирање за таа стратегија, таа е толку застарена и толку лошо изгледа во споредба со сликите кои деновиве ги гледаме од Брисел, што мислам дека на крајот ќе ја остави опозицијата во опозиција, и покрај најдобрите напори на власта. Особено што линијата на ново прегрупирање на позитивни и негативни ликови, поттикната од извршната наредба на Бајден, тој контраст дополнително ќе го засили.
Други колумни од авторот:
Слично деновиве изгледа и споредбата на Заев и Радев: нашата позиција во спорот со Бугарија, полека но сигурно, станува и европска позиција за тоа како треба да се реши спорот. Радев, и воопшто, бугарската позиција, од таа перспектива, изгледа како наратив од 19-тиот век, врзан за некакви надминати митови, неразбирлива пасивна агресија, и влажни соништа за етноисториска и национална експанзија. За друштвото во кое деновиве се наоѓаа и Заев и Радев, таа позиција е целосно необјаснива. Затоа и изгледаат толку различно: едниот во залет, другиот во залез. Имиџот, кој го проектира Радев - заглавен помеѓу сознанието дека спорот мора да се реши и недостатокот на лидерство за тој да ги собере заслугите за таквото решение - е толку застарен, што неминовно ќе се порази самиот себеси, ако заради ништо друго, тогаш само заради фактот што е толку „демоде“. Затоа, наша работа во овој период, бидејќи не знаеме дали Радев ќе собере храброст за исчекор, или тоа ќе го остави за наредната политичка влада, е да го „замрзнеме“ решението во овој формат: да го апсолвираме и одобриме, и, доколку веќе мора да се почека, да чекаме само формално одобрување.
Оттаму, на крајот, и за Радев и за Мицкоски, да се спротивставуваш на овој тек на настаните е како да се обидеш да спречиш цунами со чадорче. Фактот што САД, Германија, а сега и Франција, изгледаат цврсто определени за стабилизација и интеграција на овој регион, мислам дека го прави исходот неминовен, и покрај меѓувремените екскурзии на стари и нови слики.