Магијата на Св. Јован Канео
Легендата вели: Охрид имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Ако денес се ѕирне над и под тлото, може да има и повеќе. Сите се со своја убавина, но Св. Јован Богослов е најмистичната и најфотогеничната.
Види го Канео и... уживај!
Ако не сте биле на Канео, како да не сте го посетиле Охрид, ќе ви речат локалните туристички водичи. Тоа е исто како да одите во Берлин, а да не ја видите Брандербуршката порта или во Париз да не се качите на Ајфеловата кула...
Октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов
Еднокорабната октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Нејзината градба почнала во 1365 год., под покровителство и ктиторство на севастократорот Бранко Младен, прогласен за управител на градот Охрид од страна на српскиот цар Стефан Душан.
Дело на ерменски мајстори?
Св. Јован Богослов силно потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори – градители кои оставиле траги и во Македонија.
Охрид- мост на европската уметност
Британскиот историчар на уметност сер Херберт Рид по посетата на Охрид и 30 цркви во 1961 г. запишал: „Помеѓу византиското црковно сликарство од Равена и Сицилија од една страна, италијанската ренесанса од друга страна не постои празнина, Охрид е значаен мост на европската уметност“.
Круна на езерото
„Што ако овде ја немаше црквата, би било празно, иако природно привлечно, без црквата круната не би била ставена“, вели клисарот Сашо Трајаноски кој петта година ја одржува црквата. До 15 век во црквата се одвивал и монашки живот. Со доаѓањето на Турците се рушат конаците, а монасите биле убиени, најголемиот дел од фреските биле искорнати, а црквата станала набљудувачница.
Охрид е најубавото место на Балканот
Един Огрешевиќ од Сараево често доаѓа во Македонија, а кога го најдовме кај црквата беше во друштво со две пријателки од Норвешка за кои рече дека биле шокирани од убавината. „За мене Охрид е најубавото место на Балканот. Многу сум пропатувал ама мене овде ми е најубаво. Посебни се црквите во византиски стил кои ги има и на други места ама во вакво окружување се реткост“.
Магијата на просторот
За охриѓанецот Стојан Стојановски Св. Јован – Канео е постојана инспирација. Неговите фотки одамна го обиколуваат светот. „Местоположбата на Канео е идеална за секојдневно фотографирање. Од која било страна да се наоѓаш, секогаш имаш фотографија со различна приказна и секако магија, особено на залезот на сонцето“, вели Стојановски.