Луѓето во Бејрут сакаат „револуција“
7 август 2020Полицијата во Бејрут употреби солзавец да растера десетици демонстранити кои во текот на ноќта излегоа на улиците да изразат големо незадоволство од либанските лидери, особено по експлозијата во пристаништето, која се случи неделава, кое е симбол за некомпетентност и корупција од страна на власта.
Демонстрантите кршеа излози и фрлаа со камења по полицијата во делот околу парламентот, јави либанската државна новинска агенција.
Гневни на политичките елити
Меѓу демонстраните има повредени, наведе агенцијата. Инцидентите избија пред големите антивладини демонстрации закажани за во сабота.
За многу Либанци разорната експлозија беше капка која ја прели чашата по низа години корупција и лошо владеење на политичката елита која е со децении на власт во земјата.
Повеќе:
-До следниот пат, мој драг Бејрут
-Експлозијата во Бејрут: Зошто амониум нитратот е толку опасен?
-Бејрут наликува на апокалиптична воена сцена
Експлозијата во која загинаа над 130 луѓе, илјадници се повредени, а десетици илјади останаа без покрив над глава, е предизвикана, како што се верува, од пожарот кој ги зафатил складираните 2.750 тони исклучително експлозивен амониум нитрат, а кои властите ги оставиле во магацинот да стојат со години и покрај повторуваните предупредувања од царинските претставници.
Апсења
Жителите на Бејрут го искалија вчера својот гнев кон властите за време на посетата на претседателот на Франција, Емануел Макрон. Собрани околу Макрон извикуваа „Револуција!“, а тој вети дека ќе врши притисок врз политичарите да спроведат реформи. Макрон е првиот странски државник кој допатува во Бејрут по катастрофалната експлозија.
Инаку истрагата за причините на експлозијата е во полн ек. Воениот обвинител Фади Акики соопшти дека се уапсени 16 вработени во пристаништето на медитеранската метропола. Според Акики станува збор пред се за вработени во управата на пристаништето и на царината. Тој истакна дека биле приведени и одговорните за одржувањето како и луѓето вклучени во градежни работи на експлодираниот хангар бр. 12.