Лоши назнаки за еврозоната
4 јануари 2019Статистичката агенција на Европската унија - Евростат, денеска соопшти дека малопродажните цени во декември, поради падот на цената на енергенсите, на годишно ниво пораснале за 1,6 насто, што е најмалку во последните 8 месеци. Од друга страна, истражувањето на компаниите за финансиски информации ИХС маркит, покажа дека економијата во еврозоната едвај и да имала раст, бидејќи протестите на „Жолтите елеци“ влијаеле врз економската активност во еврозоната. ИХС маркит денеска соопшти дека неговиот индекс за набавки во стопанството, кој ги мери економските активности во производниот и во услужниот сектор, во декември паднал на 51,1 поен од 52,7 во претходниот месец.
Декемврискиот раст во еврозоната, според тој индекс, бил најмал раст во последните 4 години. Доколку сличен пад би следувал и во јануари, еврозоната би се движела кон рецесија, бидејќи индексот под 50 поени укажува на пад на економијата.
Според Евростат пак, декемвриската инфлација на годишно ниво во еврозоната е најниска од април. Не сметајќи ги цените на нестабилните производи, основната инфлација изнесува 1 насто. ЕЦБ која минатиот месец ѝ стави крај на својата програма за откуп на државни обврзници, сака инфлацијата да биде нешто под 2 насто. Референтната каматна стапка со години е на нула за да се поттикнат економскиот раст и инфлацијата. Со ваквиот пад на инфлацијата ЕЦБ нема да може да ја зголеми референтната каматна стапка, до крајот на летото годинава, како што беше планирано, истакнуваат експерти.