Лош ден на обвинителката или реален „портрет“ на судството?
3 јуни 2014Дали е прегазена црвената линија меѓу правната аргументација и класичната политизација на еден судски случај? Завршните зборови на обвинителката Гордана Гешковска за случајот „Монструм“ ги кренаа тензиите во македонската јавност. Правни експерти се изненадени од речникот употребен во завршните зборови. Имаше ли обвинителката Гешковска лош ден, лошо беше разбрана нејзината аргументација или сето тоа е одраз на севкупните состојби во судството, критикувано за слаб имунитет од политички влијанија?
Завршните зборови на обвинителството ќе бидат кратки каков што беше и животот на убиените момчиња и брзи како што завршил нивниот живот, рече Гешковска во завршните зборови за случајот „Монструм“.
„Не е случаен денот Велики четврток, кога се случи убиството кај Смилковци. Намерата била да се убијат само машки млади лица од македонска националност и христијани. Пораката е - пукаме на Велики четврток. Заклучок - за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Заклучок - пукаме во иднината на државата. Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршување на кривичното дело и за намерата за се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните?“, праша Гешковска во завршниот збор.
Оценка за работата на Гешковска
Граѓанското движењето „Разбуди се“ експресно побара Советот на јавни обвинители да покрене иницијатива за оценка на работата на обвинителката, а ако утврди одговорност - и да ја разреши од должноста.
„Случајот кулминираше со завршниот збор на обвинителката Гешковска полн со предрасуди и без докази. Сите заедно остро го осудивме убиството на петте недолжни луѓе покрај Смилковско Езеро и целосно ја поддржуваме правдата за жртвите и за нивните семејства. Но, овој судски процес уште од почетокот е следен со неправилности и неодмерени изјави“, реагираа од „Разбуди се“ и побараа од меѓународната заедница, особено од ОБСЕ, одблиску да го надгледува крајот на судскиот процес и јасно да го изрази својот став за ова судење пред јавноста.
Костадин Кизов, претседател на Советот на јавни обвинители, вели дека може да расправаат само откако официјално ќе добијат такво барање.
„Прво треба официјално да добиеме такво барање. Потоа треба да ги добиеме интегрално завршните зборови на обвинителката. Откако ќе ги разгледаме, одлуката ја носи мнозинството од вкупниот број членови на Советот. Јас не решавам сам, ние сме колективно тело од 11 членови“, вели Кизов.
Бесрамно манипулирање
Арсим Зеколи, аналитичар и поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, во колумна под наслов „Diabolus ex Machina“ во „Утрински весник“, искажа сериозни забелешки за постапката на обвинителката.
„Скандалозните и монструозни импутирања на обвинителката Гешовска преку ставање на никогаш изречени зборови во устите на обвинетите во процесот “Монструм”, наметнаа болна скрама врз сиот судски процес. Евидентната ескалација на бесрамното манипулирање со мотивите и провоцирање на чувствата на разбранетата јавност, не може да го сокрие сомнежот дека и овој судски процес ќе заврши како само уште еден од се‘ подолгата низа илустративни примери на колапсот на правосудниот систем во нашата земја(...) Обвинителката заборава дека со нејзината, без докази поткрепена аргументација за наводните мотиви, таа лично го прави истото злосторство од страст, омраза и предрасуда. Со тоа нејзината аргументација ја губи светоста на правдата и низ нејзини, сопствени усни, стануваат аргументи на Diabolo Ex Machina (...) Во слепа желба да ја запечати судбината на обвинетите, всушност му пресуди на судот и на од него се уште недонесената пресуда“, напиша Зеколи.
Неговите оценки за „излив на смислено таргетирана емоционална аргументација“, „правно-религиски занес на обвинителката“ и за „судскиот процес како легално-правен инструмент, кој е киднапиран од политиката, за поларизација на и онака веќе поделената јавност“, добиваат потврда и во адвокатски кругови, но адвокатите не сакаат јавно да зборуваат за тоа, „за да немаат непријатности во работата“. Зад параванот на анонимноста, кратко го прокоментираа случајот.
„Се добива впечаток дека обвинителката преку завршните зборови сакаше да се допадне некому, со вклопување во сеопштата верско-патриотска конјуктура“... „Дали ќе го наречете тоа правничка непрофесионалност или функционална недораснатост, сеедно, но ова е еден вид преседан во досегашната практика“, се дел од коментарите на адвокатите.
Гешковска: Морав да проговорам за мотивот
„Не сум направила преседан“, децидно тврди за Дојче веле, обвинителката Гешковска.
„Јас морав да проговорам за мотивите. Морав да кажам зошто обвинетите го одбрале токму тој момент и тие млади луѓе, а не некои други. Кога станува збор за делото 'тероризам', еден од главните елементи е да се објасни мотивот на оние кои го извршиле кривичното дело. Во случајов, обвинетите негираа се‘. Моите завршни зборови се темелеа на искази на четири сведоци и на многу други докази добиени во истрагата“, објаснува Гешковска.
Вели дека нејзината аргументација треала нешто повеќе од еден час. Нејзините завршни зборови во интегрална форма деновиве ги барале повеќе медиуми, но Гешковска вели дека Обвинителството решило да не ги дава. Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, вчера беше недостапен за објаснување на таквото решение, но и за оценка на завршниот збор на Гешковска.
Неговиот претходник, Љупчо Шврговски, укажува дека во постапките мора да постои правна култура на изразување.
„Од она што го прочитав во медиумите, можам да кажам дека досега во практиката не е користен таков вокабулар кога се образложуваат мотиви за кривично дело. Мора да постои правна култура на изразување. Судницата не е поетски клуб. Мотивите се образложуваат врз основа на конкретни докази кои ги има и од кои произлегува намерата на извршителите да го сторат кривичното дело. Но, ако завршните зборови целосно се темелат на изјавите на обвинетите, на пишани или аудио-визуелни докази до кои дошла истрагата, тогаш може да се сметаат за коректни“, вели Шврговски.
Не им е лесно и на обвинителите
Според Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Јавниот обвинител во завршните зборови треба да ги сумира изведените докази.
„Обвинителството прво треба да го убеди судот и јавноста дека од изведените докази јасно се гледа дека фактичката состојба е неспорно утврдена, односно дека обвинетите презеле определени дејства кои го сочинуваат објективното битие на кривичното дело. Ова е, сепак, само дел од задачата на јавното обвинителство. Многу е поделикатно докажувањето на т.н. субјективното битие на делото тероризам, а тоа е да се докаже дека обвинетите сакале со дејствата што ги презеле да предизвикаат страв и несигурност кај населението, со намера да го загрозат уставното уредување и сл. Бидејќи никој не може да влезе во главата на обвинетите, ова се докажува во контекст на изведените докази и сите околности на случајот. Вака гледано, има логика обвинителството во текот на расправата и во завршните зборови да се осврнува врз намерите обвинетите во смисла да го убеди судот дека тие врз основа на определени екстремистички убедувања навистина имале намера да го загрозат државното уредување и сл. Друго е прашањето дали јавниот обвинител во случајот малку претерал и ги пречекорил своите должности и овластувања, со тоа што во завршниот збор не се држел до фактите, доказите и околностите на случајот, туку внел определена доза на патетика и политиканство“, вели Калајџиев. Тој додава дека треба да се има предвид оти во вакви сериозни судења „под силен стрес се не само обвинетите, туку сите учесници во постапката“.
На следното рочиште, во четврток, завршни зборови ќе даде и одбраната на обвинетите.
На 12 април 2012 година, покрај Смилковско Езеро, беа убиени тинејџерите Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацевски и 45-годишниот Борче Стефановски. Обвинети за тероризам и за помагање во тероризам се Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сејди Рами, Сами Љута и Хаки Азири. Првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се` уште се во затвор во Приштина, каде што чекаат екстрадиција во Македонија. Таму им се судеше за поседување оружје.