Како да се стимулираат луѓето за вакцинирање
21 мај 2021Кампањата за вакцинирање против коронавирус во САД напредува со големи чекори. Речиси една половина од населението има примено прва доза, во меѓувреме целосно вакцинирани се 38%.
Додека на почетокот на годината уште имаше тешкотии насекаде да се обезбедат доволно вакцини, во меѓувреме сликата во центрите за вакцинација во земјата темелно се променети. На многу места понудата на вакцини е поголема од побарувачката. Сѐ почесто расположливите дози не можат да бидат искористени, зашто нема луѓе кои ги сакаат. Затоа, активисти, надлежните служби и претпријатијата од пред извесно време измислуваат различни стимули за да ги убедат луѓето да примат вакцина.
Морски ракови за вакцина
Во американската сојузна држава Охајо се организира лотарија од еден милион долари неделно за луѓето кои се вакцинирани. Во Њујорк на крајот на април еден ден секој кој ја примил првата доза можеше да си подигне гратис џоинт. Државата Мејн ги врбува луѓето да се вакцинираат со бесплатни ловечки дозволи, а пред неколку дена внимание предизвика акцијата на градот Њу Орлеанс, во која на секој кој се вакцинирал му бил подаруван половина килограм морски ракови.
Но, и во други делови од светот се врши привлекување со креативни идеи: во индискиот Раџкот златарите им подарувале златен пирсинг за нос на вакцинираните, во Русија и во Србија луѓето кои се вакцинираа добиваа ваучери, а во Трансилванија во Романија, човек може да се вакцинира дури и во дворецот на Дракула, добивајќи „диплома за бесмртност“.
Скепсата кон вакцината е стара колку и вакцинирањето
Колку овие стимулирања да изгледаат чудно, тие не се ништо ново. „Слично имало веќе и на почетокот на 19 век кај вакцинирањето против сипаници“, објаснува историчарот на медицина од Минстер, Малте Тисен, во чии тежита на истражување е и историјата на вакцинирање. „И тогаш вакцината била новина и скепсата во почетокот голема. Затоа властите користеле подарување колачи или доделување медали за вакцинираните, како поттик за доброволно вакцинирање.“
Повеќе:
КјуАнон и корона: Теориите на заговор земаат замав
Зошто американските евангелисти толку многу се противат на вакцините?
Коронавирус: Како стравовите од вакцина стануваат теории на заговор
Невакцинирањето ги враќа искоренетите болести
Задршките кон вакцинирањето значи се стари колку и тоа самото, а со тоа и одамнешен проблем. Уште на крајот на 2018 година, пред избувнувањето на пандемијата на коронавирус, Светската здравствена организација соопшти дека „недоволната подготвеност на луѓето да се вакцинираат“ спаѓа во една од десет најголеми опасности за здравјето на луѓето во светски рамки.
Живот во имунизирачка ера
Причините за тоа, според Тисен, се различни: „Прво, вакцинацијата противречи на здравата човечка логика: ми се инјицира нешто што во принцип може да ме направи болен, а потоа треба да ме штити“. Вакцините често се сфаќаат како вештачка интервенција во природниот тек. „Постојат и убедувања дека за природниот развоен процес на телото е подобар некој вид зајакнување, прележување на болеста.“
Освен тоа, многу кампањи за вакцинација, првенствено во индустриските држави, станаа жртви на сопствените успеси. „Ние живееме всушност во една имунолошка ера“, вели Тисен. Сеедно дали сипаници, туфус, полио: „Сфаќањето дека инфективните болести се нешто застрашувачко речиси целосно има исчезнато од нашата свест, токму поради тоа што преку имунизирачки кампањи од 1950-те, 1960-те години речиси се истиснати од нашиот свет.“
Вакцинирањето се сфаќа и како национална здравствена програма. „Затоа вакцинирањето секогаш претставува и рефлексија на довербатана луѓето во сопствените државни институции“, вели Тисен. Тоа се покажа на пример во Франција, каде недовербата во државните институции традиционално е поголема отколку во Германија. „Одеднаш подготвеноста за вакцинирање таму беше помала отколку овде кај нас“, вели Тисен.
Токму овој аргумент е констатиран и од страна на Американското биро за попис, според кое преку 20% од Американците уште се колебаат околу вакцинирањето. Недовербата кон вакцината, но и кон владата тука е меѓу најнаведуваните аргументи. Преку 20% од граѓаните пак одговориле: „Не верувам дека ми е потребна вакцина.“
Антиваксери, скептици и дезинтересирани „намќори“
А токму во тоа и Малте Тисен гледа најголем проблем. Зашто, често при недоволната подготвеност за вакцинирање не станува збор за стриктни задршки против вакцината. Во основа, може да се разликуваат три групи. „Постојат дезинтересирани ‘намќори', кај кои во прашање често е непотегливоста; скептичари кон вакцината, кои во принцип не одбиваат вакцинирање, но третходно сакаат да знаат точно што се случува; и противници на вакцинирањето, кои целосно го отрфлаат и аргументираат со теории на завери. Но оваа трета група всушност сочинува најмал дел.“
Во основа, истакнува Тисен, во сите досегашни кампањи за вакцинирање постои само удел од два до пет проценти на апсолутни противници на вакцината. „Со нив треба едноставно да се помириме, а со останатите може да се разговара.“ Од една страна во прашање се објаснувања и апели. „Но, во 20 век се зацврстува искуството: не треба луѓето да дојдат кај вакцината, туку таа треба да дојде кај луѓето“, вели Тисен: „со мобилни тимови за вакцинирање, со центри за вакцинација во супермаркети или во општински згради."
Или со вакви необични акции како онаа од Њу Орлеанс. Во само три часа таму биле разделени шеесетина килограми морски ракови и инјектиран соодветен број вакцини. „Можеби тоа звучи банално и смешно: половина килограм морски животни за вакцина“, вели Тисен, „но, тоа укажува на еден многу важен пункт: луѓето се комотни. А тоа пак води кон заклучокот: колку поедноставно ги правиме работите, толку се поуспешни. А често токму тоа е решението."