Лондон: Трета среќа за Брегзит?
29 март 2019Барањето на британската премиерка Тереза Меј да се одржи и трето гласање за нејзиниот план за излегување од ЕУ е одобрен. Спикерот на парламентот, Џон Берков прифати изјаснување за договорот за Брегзит, но под услов во него да ја нема политичката декларација која се однесува на идните односи меѓу Обединетото Кралство и ЕУ.
Владината претставничка во парламентот Андреа Лидсом изјави дека денешното гласање не може да се смета за сеопфатно во однос на целиот договор за Брегзит.
Опозицискиот лидер Џереми Корбин вели дека неговата Лабуристичка партија нема да гласа за договорот, опишувајќи го како „најслепиот од сите слепи Брегзити“. Клучната северноирска партија од која зависи мнозинството на Меј најави дека ќе гласа против договорот.
Британскиот парламент досега на двапати го одби планот на Меј, но исто така не успеа да изнајде ни алтернативно решение.
До каде е Брегзит во моментов?
- ЕУ се согласи да го одложи Брегзит до 22 мај доколку договорот биде одобрен оваа недела.
- Доколку договорот не помине неделава, Британија ќе мора да учествува на европските избори како услов за пролонгирање на рокот по 12 април.
- Изгласување на договорот без политичката декларација ќе ги задоволи барањата на Европскиот совет
- За целосна ратификација на договорот ќе биде потребно натамошно гласање во британскиот парламент.
Меј во небрано
За да го протурка договорот во парламентот Тереза Меј ќе мора да обезбеди најмалку уште 75 пратеници. Меј се надева на поголема поддршка во сопствената партија, но се чини дека отпорот таму не се намалува.
Кога парламентот гласаше за алтернативите за Брегзит во средата, 93 пратеници на конзервативците гласаа против одложување на Брегзит по 29 март. Но, дури 157 конзервативци гласаа потврдно на прашањето дали да се напушти ЕУ со или без договор.
Најмалку 20 конзервативци во меѓувреме рекоа дека ќе го поддржат договорот, но 15 и натаму се остро против, што значи дека Меј тешко ќе добие мнозинство.
Што се однесува до алтернативите, доколку се земе предвид гласањето в среда, најголема, иако не и апсолутна, поддршка доби идејата за останување во царинска унија со ЕУ. 264 пратеници гласаа За, а 272 Против. За одржување втор референдум гласаа 268 пратеници, но 295 беа против.