Локални избори за голем пресврт на политичката сцена
Исходот од локалните избори кои се одржаа на 15 октомври, освен првиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски од 2004 година, најавува и голем пресврт на политичката сцена во Македонија
Мирни и фер избори
Оценка на набљудувачите и на МВР е дека Локалните избори минаа во фер и демократска атмосфера, иако не отсуствуваа и изолирани неправилности и инциденти. Излезноста достигнала околу 60 проценти, што е помалку од изборите во 2013 година, а вкупно гласале нешто над еден милион и 70 илјади граѓани.
Крај за партиските шерифи
Зоран Заев и неговата СДСМ се големи победници на изборите. Партијата успеа да направи целосен пресврт во распоредот на градоначалниците и да ја извојува првата изборна победа по пауза од 13 години. Заев порача дека завршува „ерата на локалните шерифи“ и побара од сите новоизбрани функционери да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа.
Скопје има градоначалник социјалдемократ
За првпат од прогласувањето на независноста, Скопје ќе добие градоначалник од редовите на социјалдемократите. Иако победата на Петре Шилегов се уште не е официјално потврдена, извесно е дека тој ќе биде новиот градоначалник на Скопје, заменувајќи го на функцијата Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Новата ера... не започна
Иако најавуваше „нова ера“, Никола Груевски го доживеа најтешкиот пораз во својата политичка кариера. По серија последователни победи на сите изборни циклуси во последните 11 години, Груевски со наведната глава се пожали на изборни неправилности и најави жалби. Иако одби да одговори дали ќе поднесе оставка на партиската функција, меѓу редови, такво нешто се насетува.
Победа над стравот
За многумина во Македонија, изборниот исход е, на некој начин, победа над стравот кој го чувствуваа граѓаните. Настаните од 27 април и насилниот упад во Собранието беа почетокот на крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кој овојпат доби своја евалуација и во јасно изразената волја на граѓаните.
Одмотување на клопчето
Губењето на локалната власт ќе го заокружи процесот на обезвластување на ВМРО-ДПМНЕ, што пак би требало да отвори многу процеси кои треба да дадат одговор на прашањето: што се случуваше во Македонија во изминатите 11 години. Заробена држава, огромна корупција, задушување на медиумите... Меѓу нив, секако, е и проектот Скопје 2014, кој ги чинеше граѓаните преку 600 милиони евра.
Тешки задачи
СДСМ сега има уште поголема одговорност да ги спроведе најавените и потребни реформи во државата. Во прв ред тоа се однесува на препораките од вториот извештај на експертската група на Рајхард Прибе. Заев ја доби довербата на граѓаните за продолжување на политиката на заедништво, помирување со соседите и придвижување кон ЕУ и НАТО.