1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пат до европско финансирање на општините 

Тони Поповски
18 септември 2021

Во тековните политики има реторичка заложба, но отсуствува проекција за постепен но истовремено силен раст на вкупните приходи на локалната самоуправа и нивно приближување до европскиот просек. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/40STu
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Сведоци сме, особено во пресрет на локалните избори, дека управувањето со општините е политички исклучително атрактивно. Квалитетот и опфатот на локалните услуги како и начинот на кој се управува со општините непосредно влијае на рејтингот на политичките партии, а не ретко, победата на локалните избори го наговестува победникот на собраниските избори.

Нашата локална самоуправа е европски поставена, целосно во склад со Повелбата за локална самоуправа на Советот на Европа. Оваа констатација која е потврдена од ЕУ, се однесува и на избраниот модел за финансирање на општините и неговите структурни елементи, воспоставените сопствени извори за финансирање и финансиските трансфери од буџетот на државата. Сепак, во позадината на овој европски а сега и наш модел, видлива е голема воздржаност кај сите влади, особено од 2010 година наваму, фискалната децентрализација да се продлабочи во насока на обезбедување доволно финансиски средства за спроведување на пренесените надлежности. 

Разлика на подобро  

Системот за финансирање на општините беше консолидиран во буџетската 2009 година, кога сите општини (со исклучок на една) матурираа во втората фаза на фискалната децентрализација, стекнувајќи се со право на финансирање со блок дотации за пренесените установи.  Од тогаш па до денес, само спорадично, во интервали од три до четири години, кога притисокот на релација општини – централна власт станува неподнослив, или во пресрет на локални избори, се случува одредени финансиски трансфери да бидат незначително зголемени, или интервентно да бидат покриени настанатите долгови.  Од своја страна, општините во континуитет тактизираат со од поодамна регулираниот опсег на нивните даночни инструменти, држејќи се до најниските стапки и воздржувајќи се од поголемо оданочување бидејќи е „непопуларно“ кај бирачите. Неколку општини од оваа причина не вложуваат ниту минимален фискален напор да ги соберат нивните средства. 

-претходни колумни: Попишани, незапишани и доброволно отпишани

Сите влади во изминативе 16 години, го потенцираат фактот дека има континуиран напредокот во процесот на фискална децентрализација, со почетни приходи во висина од 2,2% од БДП во 2006 година кои нараснаа на 5,4% во 2019 година, со мал пад на 5.3% од БДП во пандемиската 2020 година. Неспорен е овој раст и од аспект на номинален износ на приходи, кои од 5.9 милијарди денари во 2005 година, нараснале на 36 милијарди денари во 2020 година. Притоа, владите „намерно“ пропуштаат да укажат на два битни аспекти.  Првиот, дека до 2006 година и покрај големите позитивни измени во законската рамка за чие целосно донесување се потрошија четири години, бевме безмалку целосно фискално централизирана држава, и вториот, дека во споредба со просекот на приходи на локалната самоуправа во ЕУ 27 (држави) кој изнесува над 11%, ние сепак сериозно заостануваме. 

Треба да се напомене дека во тековните политики има реторичка заложба но отсуствува прецизна проекција за постепен но истовремено силен раст на вкупните приходи на локалната самоуправа и нивно приближување до европскиот просек. Постоечката понуда на решенија е повеќе во насока на консолидација на системот преку подобрување на перформансите на општините, кое секако дека ќе резултира со зголемени приходи, и донекаде поврзано со унапредувањето на прераспределбата на средства од финансиските трансфери, преку долго очекуваното воведување на инструменти за финансиско изедначување и дополнително наградување за успешен финансиски резултат.  

Пат до европско финансирање на општините 

За доаѓање до европскиот просек на локални приходи, потребна е системски осмислена и методично спроведена акција од страна на општините и централната власт.

Општините треба да престанат да „политизираат“ преку држење на сопствените приходи во лер, а дел од нив и во рикверц. Зголеменото локално оданочување во оптимален ако не во максимален опсег утврден со закон, но и во опфат на даночни обврзници, е неопходно доколку сакаме поквалитетни локални услуги. На ова се надоврзува веќе 20 години отсуство на прецизно измерен фискален капацитет на општините. Одговорноста е на владите, кои континуирано  избегнуваат да ја спроведат оваа сосема логична, неопходна и изводлива пресметковна операција, проценувајќи дека е од висок внатрешно политички ризик. 

-претходни колумни: Поуките од трагедијата во Тетово

Немајќи прецизен увид во реалниот потенцијал на локалните финансиски инструменти, секундарна проценка е дека општинските водства, избегнувајќи непопуларно оданочување, всушност се откажуваат од дополнителни приходи кои постепено можат да нараснат и до 1% од БДП на државата, или приближно 100 милиони евра. Останатите, дополнителни 4 - 5% приходи од БДП на државата за доаѓање до европскиот просек, нема друг начин да се обезбедат доколку не се предвиди и спроведе постепено, во период од една декада, но далеку посилно во споредба со минатото, покачување на финансиските трансфери од буџетот на државата, а особено на општата дотација од ДДВ и уделот за општините во собраните даноци на личен доход. Во контекст на трансферите, централната власт предупредува дека може да настане дисторзија на т.н „функции“ на државата но истовремено никако да дочекаме исход од реформата на јавната администрација и да осознаеме колку точно државни институции ни се навистина неопходни а колку од нив се создадени со други цели, и следствено треба да бидат предмет на рационализација, ако не се укинуваат барем да се намали непродуктивната вработеност во нив и следствено поврзаните трошоци. На тој начин би се создал неопходниот фискален простор за зголемување на трансферите кон општините. Доколку не се направи првово, решение со трансфер на нови надлежности на општините проследени со дополнителни финансиски средства и вработени е ризично, бидејќи  во услови на статично финансирање на пренесените надлежности и недоволно средства за нивно спроведување, со проширување на надлежностите само ќе се зголеми товарот врз општините, со објективен ризик дека истото ќе се одрази на квалитетот на постоечките, но и новите услуги.

Темата за финансирањето на општините е структурно комплексна.  Покрај овие аспекти на кои се осврнувам има и низа други поврзани со реформата на внатрешните процеси за управување со јавните средства. Сепак, од оваа куса анализа може да се увиди дека продлабочувањето на фискалната децентрализација е првиот и најсуштински приоритет, и покрај високиот степен на обусловеност со други суштински процеси. 

Доколку похрабро не исчекориме, нема да можеме да ја надополниме специфичната политичка тежина на локалната самоуправа со соодветна финансиска тежина, која ќе гарантира поголем квалитет и опфат на локалните услуги и постепено приближување до европските стандарди.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи