Ловот на гласови завршува во Дрезден
1 октомври 2005Иако минаа речиси две недели од вонредните парламентарни избори во Германија , двајцата политичари кои се надеваат дека ќе добијат мандат да раководат со земјата повторно мораа да агитираат за гласови. И канцеларот Шредер и неговата предизвикувачка од опозицијата Ангела Меркел вчера беа во Дрезден во обидот да придобијат на своја страна што повеќе гласачи од овој град , каде што изборите беа одложени за две недели поради смртта на една кандидатка за пратеничка. Значи иако во Дрезден ќе се гласа , и иако набљудувачите велат дека тамошниот исход нема многу да влијае врз конечниот резултат од изборите во земјата ниту пак ќе го промени балансот на силите во Бундестагот , Шредер и Меркел ги искористија сите свои политички и говорнички вештини за да придобијат што повеќе гласови во Дрезден. Инаку по конфузниот резултат од гласањето на 18 септември, од кои не произлезе јасен победник Германија сеуште нема Влада , а и Шредер и Меркел сметаат дека треба да ја заземат канцеларската функција. Како најверојатно во моментов се смета формирањето на голема коалиција токму меѓу партиите на Шредер и Меркел, Социјалдемократите и Демохристијаните. Но по се изгледа најголемиот проблем е нивните спротиставени желби за канцеларското место . Токму затоа и Меркел и Шредер сметаат дека со гласовите од Дрезден ќе си обезбедат подобра позиција во таа трка:
„Кажете им дека се работи за секој глас бидејќи сакаме , да можеме да си дозволиме силно влијание во идната германска влада . Ние сме најсилната фракција . Вие можете да придонесете да бидеме уште посилни“ – порача Меркел во Дрезден .
Канцеларот Шредер упати слична молба до избирачите во Дрезден:
„Мојата молба е , со едно јасно и офанзивно гласање за мојата партија , СПД , да ја засилите нашата позиција во преговорите за формирање на нова влада“ .