Да ги срушиме преостанатите бариери
31 јули 2021Пишувам инспириран од три неодамнешни настани поврзани со лицата со попреченост. Во начело не ги именувам и делам луѓето по вера, етничка припадност, раса и други специфики, па од таа причина чувствувам внатрешен отпор и нелагодност и кога го употребувам изразот „лица со попреченост“ иако истиот произлегува од поврзана Конвенција на ООН и се смета за најприкладен.
„Јас не сум попречен, мене ништо не ми пречи“, е реплика од театарска претстава на Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“, која ја изрекува актер-лице со попреченост. Инспирирани од оваа изјава, актерите од „Театар Пи“, во партнерство со низа донатори и две основни училишта, организираа впечатлива изложба на 60 фотографии, направени од лица со типичен и атипичен развој и лица со интелектуална попреченост – членови и корисници на ЦПЛИП Порака од Скопје. Изложбата беше поставена на невообичаено место, на „Малото Вовче Пампурче", во општината Ѓорче Петров. Кус видео клип за настанот е достапен на порталот „Види Вака“. Фотографиите се продукт на претходно реализирана обука, а нема да ве остави рамнодушни и кусата изјава на една од авторките: „Знам да сликам, знам и тоа. Ова ми беше прво искуство со апаратот – учев како се работи со него, како се употребува.“ Сакам да го истакнам овој настан како одличен и многу редок, инспиративен пример на успешно вклучување на овие лица во нашата заедница покрај стекнувањето со креативни вештини и знаења.
Нареден „настан“ кој заслужува должно внимание е објавувањето на низа од седум прилози на веб страницата на Центарот за поддршка на лица со попреченост „ПРКОС" од Скопје, кои опфаќаат исто толку непосредни искуства и добри практики на надминување физички бариери за пристапност на јавниот отворен и затворен простор, од седум различни држави од клубот на најразвиените. За секој сериозен кандидат за претстојните локални избори кај нас, овие прилози треба да бидат задолжителна литература. Истовремено, би отстапил простор од колумната и на неколку извадоци од описот на мисијата на ПРКОС, со цел да избегнам да ја интерпретирам, а и не би напишал ништо подобро: „Нашата мисија е да ѝ помогнеме во борбата за достоинствен, активен и квалитетен живот. Со ублажување на негативните последици на попреченоста од кој било вид и степен, да им се овозможи на овие лица да се вклучуваат рамноправно во тековното општествено живеење, и со тоа да придонесуваат за добросостојбата на целата заедница. Работиме на штитење на нивните права, на услужување и на обезбедување информации за нив, за најблиските и за професионалците. Воедно, ја јакнеме и потпората на најважните во животот на лицата со попреченост – нивните семејства, згрижувачите и старателите. Заложбата ни е да делуваме во создавање на општество без буквални и стереотипни препреки, во кое сите граѓани ќе уживаат еднакви права и можности. И ќе постоиме сѐ дотогаш. Затоа: Почни, Реши, Кажи, Откриј, Смени!". Секако, покрај ПРКОС, треба да се оддаде признание и на сите други здруженија на граѓани и лица со попречност, кои со години наназад реализираат активности како дел од нивната благородна мисија.
Третиот исклучително значаен настан е „пристигнувањето на КИКО – првиот бесплатен аудио читач на македонски јазик. Се работи за софтверска апликација за лицата со оштетен вид, која е изработена низ партнерство на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Националниот сојуз на слепи лица. Апликацијата овозможува напишан текст да се слушне и разбере во аудио верзија и истата е бесплатна и достапна за сите корисници на Андроид системи, мобилни телефони, десктоп компјутери или други електронски уреди. Би се придружил на апелот (а би сакал и читателите), кога се во можност да им помогнат на лицата со оштетен вид да го инсталираат аудио читачот на Андроид уред. Постапката е брза и едноставна.
На потег е државата заедно со локалната самоуправа
И покрај тоа што во изминатите години постепено се остварува напредок во однос на вклучувањето на лицата со попреченост во заедницата и надминување на постоечките бариери, сѐ уште има многу простор за подобрување.
Јас како приоритет би го издвоил спроведувањето на програми со активни мерки за намалување на невработеноста на овие лица, подготвени на партиципативен начин со учество на општините, локалните засегнати страни и потенцијалните корисници. Прв чекор е доследно мапирање на потенцијалните корисници во секоја општина. Оваа активност треба да биде приоритет на Социјалните совети во општините.
Поврзано со основното и средно образование, покрај потребата од итно надминување на сите физички бариери за пристапност, неопходно е да се интензивира формирањето тимови на наставници за инклузија во училиштата и да се динамизира ангажирањето образовни асистенти за децата со попреченост. Наставниот кадар треба да е целосно обучен за прилагодување на наставата и наставните помагала на потребите на овие ученици. Треба да се истакне дека во пандемиската 2020 –та година се потпишани договори за 323 образовни асистенти со 36 општини, а започнале со работа 284 образовни асистенти. Секако овој број на асистенти треба да се оптимизира и да соодветствува на севкупните потреби за ваква услуга и во таа функција е објавен оглас за вработување на 500 асистенти.
Други колумни од авторот:
Преплавени со ризици од поплави
Градот убав никна, чекаме да процвета
Послушајте патриоти, да ви кажам словото
Деинституционализација па децентрализација, или обратно
Еден од клучните процеси кои ги води надлежното Министерство за труд и социјална политика е деинституционализацијата преку зајакнување на социјалните услуги во домот, во дневните центри и центрите на заедницата и останатите алтернативни форми на грижа и давање директни услуги за децата, младите и возрасните лица со попреченост. Треба да се одбележи дека бројот на корисници на деинституционализираните облици на испорака на услуги е во постојан пораст. Достапен е податок дека во 2015 година биле опфатени во просек 1.750 корисници, а веќе во 2018 година опфатот изнесувал 3.058 корисници. Сепак, останува дилемата дали овој процес, кој е несоменено оправдан, ќе се спроведеше поефикасно доколку му претходеше децентрализација на Центрите за социјална работа и дневните центри кои претежно оперираат во нивни рамки. Аргумент во полза на обратен редослед на чекори е дека општините се сепак најблиску до граѓаните и дека наведените центри, кои и во моментот оперираат под чадорот на Министерството за труд и социјална политика и се 30 на број, се присутни само во поголемите урбани општини.
Продуктивен чекор би бил и да се ослободат здруженијата на граѓани кои испорачуваат социјални услуги од обврската за плаќање закупнина за користење на простор во објекти кои се во сопственост на државата или општините, проследено и со воведување на обврска за минимум 8 часа ефективно работно време во сите Дневни центри за лица со попреченост. Во Програмата на Владата е наведена заложба за отворање канцеларии на центрите за социјална работа во секоја општина и формирање интервентен тим што ќе постапува 24/7 и за ефикасно спроведување на оваа мерка неопходна е директна соработка со општините.
Наредната година е можеби вистинскиот период да се оценат ефектите од спроведувањето на новиот Закон за социјална заштита и согласно наодите да се направи конечна проценка поврзано со трансферот на надлежности и ресурси на Центрите за социјална заштита и Дневните центри за лица со попреченост, на општините. Еден логичен прв чекор е да се прошири управната структура на Центрите за социјална работа преку зголемена застапеност на општинската администрација и здруженијата на граѓани од општините, постепено создавајќи капацитет на локално ниво. Да се потсетиме дека со новиот Закон за социјална заштита е овозможено социјални услуги да бидат давани од различни физички и правни лица, вклучувајќи и здруженија на граѓани врз основа на систем за лиценцирање на давателите на социјални услуги. Предвидено е финансирање на социјалните услуги преку редовни годишни повици на надлежното министерство за обезбедување социјални услуги од општините, здруженијата и приватните даватели на социјални услуги. Цените на услугите се определени преку Методологија за утврдување на цените на социјалните услуги.
Креирање на локалните услуги заедно со крајните корисници
Покрај потребата од унапредување на системските решенија, има потреба и од промена на пристапот за дизајнирање на услуги од канцеларија на социјален работник кон целосно дизајнирање на директните услуги за лицата за попреченост низ непосредна соработка со нив. Скоро без исклучок во Европската Унија е усвоен пристапот „од долу нагоре“ за креирање на локалните услуги заедно со крајните корисници. Овој изменет пристап бара натамошно координирање и вклучување на сите засегнати страни (корисници на услуги и здруженијата на граѓани) во заедницата, во процесот на обезбедување квалитетни социјални услуги, преку формирање на општински лаборатории за заедничко креирање на социјални услуги со крајните корисници и други инвентивни и иновативни облици на комуникација и соработка со корисниците на услугите.
На крај и со цел да ги инспирираме кандидатите за локалните избори, би било пожелно во нивните програми да прочитаме мерки кои целат кон подобрување на пристапноста во објектите на општините и сите општински јавни установи и претпријатија. Овие мерки треба да се насочени кон надворешната и внатрешна пристапност, прилагодување на лифтовите, изградба на рампи покрај скалила, адаптација на тоалети, ангажирање на преведувачи на знаковен јазик заради соодветен пристап до услуги за лица со нарушен слух, адаптација на веб-страниците на општините во пристапен формат за лица со нарушен вид и слепи лица, за да се обезбеди пристап до информацииите кои ги нудат истите, поставување дополнителни информативни табли во институциите отворени за јавноста, изработени на Брајова азбука и сл.
Мотото на ПРКОС треба да стане мото на водството и вработените во општините. „ Да делуваме во создавање на општество без пречки. Затоа: Почни, Реши, Кажи, Откриј, Смени!"