1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Литература за деца на македонски - децата не простуваат

Милчо Јованоски18 јуни 2016

Годинава се одбележуваат 7 децении од првите книги напишани за деца на македонски јазик. Ставовите на авторите, читателите и критичарите во однос на квалитетот, подемите и падовите на оваа литература се поделени.

https://p.dw.com/p/1J9BE
Фотографија: picture alliance/ZB/J. Kalaene

Букварот и неколкуте објавени книги за деца и млади две години по Втората светска војна се темелот на македонската литература, оценуваат експертите по литература. Во Охрид, на 49. Семинар за македонски јазик, литература и култура ќе се одржи и научна конференција на која една од темите ќе биде годишнината од првите детски книги на македонски. И дел од лекторските вежби годинава се посветени на јубилејот. Професор д-р Весна Мојсова – Чепишевска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје предава Македонска литература за деца: „Не смееме да заборавиме дека литературата за деца е еден многу сериозен сегмент во една национална литература. Ако не ги научиме децата да читаат и да и’ се посветуваат на литературата, тогаш не можеме да очекуваме и сериозни читатели подоцна, кога тие ќе станат возрасни. 'Овчарче', 'Македонче', 'Пионери и пионерки, бубачки и шумски ѕверки', и поемата 'Мице' - тоа е првата низа од лектири од авторите Лазо Каровски, Ванчо Николевски и Славко Јаневски отпечатени уште во 1946 година. Денешните деца сѐ уште уживаат и растат на пример со 'Зоки Поки' од Оливера Николова, со 'Големи и мали' на Бошко Смаќоски, 'Касни порасни' на Петре М. Андреески и ред други. Тоа се култни книги или евергрини во литературата за деца“, вели д-р Чепишевска.

Ревизија на учебниците и лектирите бараат практичарите

Но, квалитетни наслови и автори за деца има сѐ помалку. Главен проблем, според д-р Чепишевска, која е и литературен критичар, е малиот пазар и неможноста за големи тиражи. Според неа, потребна е ревизија и на лектирните изданија. „Покрај бардовите во македонската литература за деца, одговорните треба да размислат за внесување на нови наслови и да се поттикнат младите автори да пишуваат на нови, поблиски теми за денешните деца и млади, кои се многу поинакви од децата пред 20 или 40 години“, смета д-р Чепишевска.

Seminar für mazedonische Sprache Literatur und Kultur in Ohrid
Љупка СтојменоваФотографија: DW/M. Jovanoski

На километар од Семинарот, во Охрид се одржаа 37-Детски лирски треперења. Таму деца и млади таленти од цела Македонија се натпреваруваа во креативно пишување, а најдобрите беа наградени. Љупка Стојменова е професорка по македонски јазик во основно училиште во Кочани и таа го дели ставот на д-р Чепишевска: „Потребна е коренита промена во лектирните изданија и делата кои се учат во редовната настава и нивно проветрување. Имаме стиихови кои никој жив не може да ги запомни. Тоа кај децата создава одбивност кон сопствениот јазик. Во име на сите колеги апелирам авторите да пишуваат на теми кои кореспондираат со совремиево за децата да ги читаат и сакаат.“

За секој писател детската литература е предизвик

Писателот не треба да ги освои најмладите само како читатели, туку и како слушатели, бидејќи малите деца не умеат да читаат, смета д-р Ала Шешкен, професор по словенски книжевности од Русија.

„Децата не знаат да лажат, тие се искрени и чисти и отворено ќе кажат - ми се допаѓа или не. Македонската литература за деца се развива, таа е динамична. На пример, 'Зоки Поки' се користи и како израз за луѓето кои не читаат многу и за нив најчесто се вели: 'Тој застанал на Зоки Поки'.“

Seminar für mazedonische Sprache Literatur und Kultur in Ohrid
Ала Шешкен (прва од л.) и Весна Мојсова-Чепишевска (до нејзе) со други учесници на семинарот во ОхридФотографија: DW/M. Jovanoski

Шешкен ја предочува врската помеѓу македонската и руската литература за деца на примерот со преводот од „Сказните за рибарот и рипката“ од Пушкин, направен меѓу 1945-50 година. Компаративно гледано, литературата за деца на Балканот, а и пошироко, основата ја има во народното творештво, сказните и бајките. Ликовите и дејствијата насекаде се слични, само имињата на ликовите се различни, вели д-р Шешкен.

Писателите за деца се жалат дека се на маргините

Меѓу учесниците на Фестивалот ги сретнавме легендите на македонското детско творештво Киро Донев и Горјан Петревски. Обајцата несебично се вложуваат на младите таленти да им го покажат патот кон современата поезија и проза. Донев е еден од најплодните и најчитаните автори за деца во Македонија со близу 40 книги. Според него, Министерството за култура на Република Македонија во последно време води грижа за литературата за деца со побогатиот фонд за објавување на детска литература. Но, кризата и немањето нови имиња – автори во литературата за деца тој ја наоѓа во следните причини: „Има несоодветно наградување на авторскиот труд. На пример, за песна испеана на некој забавен или фестивал на новокомпонирана музика ѐ се дава награда 20.000 евра, а еден автор на детска литература не може да ја добие таа сума, макар објавил и 20 книги. Критичарите, па дури и Друштвото на писателите на Македонија, авторите на детска литература ги оставаат на маргините. Во Македонија се доделува само наградата 'Ванчо Николески' за детска книга и толку. Секоја локална манифестација за литература за возрасни доделува од една до три награди, а награда за творците на литература за деца нема. Моја среќа е што учев за народен учител и детето во мене живее уште, иако сум, што се вели, со бели коси и не дозволувам детето да исчезне од спомените. Мојата книга 'Да се запознаеме' од 1976 година наваму сѐ уште е во лектирата за првачињата. На светот околу себе гледам со нивните очи и пишувам таква литература каква што би сакал јас да читам“, вели Донев.

Seminar für mazedonische Sprache Literatur und Kultur in Ohrid
Киро Донев (л.) и Горјан ПетревскиФотографија: DW/M. Jovanoski

„Имам впечаток дека во литературата за деца влегуваат автори кои не успеаваат да се потврдат во, условно речено, литературата за возрасни. Мислат дека кај децата полесно ќе поминат, ама со тоа се во заблуда. Децата не се освојуваат на тој начин, тие не простуваат. За нив нештата се добри или лоши. На дете ако не му се допадне уште првата страница ќе ја фрли книгата. Мислам дека насекаде околу нас постудиозно ѝ се пристапува на литературата за деца. Често присуствувам на Светскиот саем на книгата за деца во Болоња. Тоа што таму се случува во позитивна смисла и колку светот обраќа внимание на таа литература и на илустрацијата треба само да се види и да се доживее“, додава писателот Горјан Петревски.

„Задоволен сум од тиражите и никогаш не велам дека денешните деца не читаат. Читаат и знаат како да читаат. Вината треба да се бара и кај авторите. Треба да ѝ се понуди нешто интересно на публиката. Во мојата архива чувам околу 8000 писма од 'Вљубената страница' во 'Наш Свет'. Таа траеше 36 години. Од тие писма често користам инспирација и создавам ликови со кои читателите најчесто се идентификуваат. Пример романот 'Марта' е од 1989 година и во печат е 20. издание и тоа е веројатно мојот најтиражен роман“, додава Петревски.

Утеха и зрак светлина за писателите е започнатиот проект „Антологија на македонската литература за деца и млади“ промовиран лани. Антологијата ќе содржи триесет томови и во нејзе ќе бидат застапени најзначајните детски автори и дела.