Листа „платеници на Сорос“: Почнува одмаздата на Орбан
16 април 2018Се работи за одмазда со најава: на 15 март, националниот ден на Унгарија, премиерот Виктор Орбан во говор пред десетици илјади свои приврзаници најави дека по парламентарните избори „ќе има израмнување на сметките на политичко, морално и правно ниво“. Неколку дена по неговата убедлива победа Орбан покажува дека бил сериозен со најавата. Прво ги објави имињата на своите критичари на црна листа на непријатели на Унгарија. Неделникот „Фигело“, кој е близок до владејачката партија, изминатиот четврток на две страници објави листа со над 200 имиња на унгарски академици, новинари и соработници на невладини организации кои ги ословува како „платеници” на американскиот милијардер Џорџ Сорос. Насловот на текстот гласи „Луѓето на шпекулантот“. Во текстот се вели дека биле идентификувани повеќе стотици луѓе кои работеле за мрежата на „шпекулантот“. Во листата се наведени повеќе академици кои предаваат на „Централноевропскиот Универзитет“ во Букурешт кој во голем дел е финансиран од фондацијата Отворено Општетство на Џорџ Сорос. Потоа, на нејзе се и повеќе новинари, меѓу кои и целата редакција на истражувачкиот портал „Директ 36”, кој во изминатите три години известуваше за корупциски скандали поврзани со опкружувањето на Орбан и неговата партија Фидес, што пак доведе до повеќе истраги од страна на Европската агенција против корупција – ОЛАФ. Исто така, на листата се и повеќе поранешни либерални, но и конзервативни политичари кои порано биле блиски до Фидес, како и економисти, меѓу кои и Атила Чикан, министер за економија во првиот владин состав на Орбан.
Листата како обид за застрашување
Објавувањето на листата во Унгарија предизвика незадоволство кај многумина од засегнатите и го привлече вниманието на медиумите. Големиот новински портал „индекс.ху“ пишува дека поставувањето листи со имиња на наводни непријатели на владата потсетува на „најтажните нацистички и комунистички времиња“. Ректорот на гореспоменатиот универзитет, Михаил Игнатиеф, реагираше јавно и напиша дека објавувањето на таква листа е „за осуда”. „За осуда и еклатантен обид за застрашување, кој е опасен за академската слобода и за севкупниот академски живот во Унгарија“, оцени Игнатиев. Слично реагираа и многубројни активисти на невладини организации кои се исто така на листата. Копретседателот на унгарскиот Хелсиншки комитет, Марта Пардави за ДВ изјави дека објавувањето на листата е „шокантно” и е „екстремен и примитивен начин на создавање слики на непријатели“.
Навистина, начинот на кој беше направена објавата во „Фигело” не остава простор за сомнеж дека целта е да застрашува. Имено, имињата се напишани на црна позадина со бели букви. И политичкиот контекст придонесува за впечатокот дека листата не е случаен производ на пренагласени следбеници на Фидес. Виктор Орбан веќе години наназад ликот и делото на Џорџ Сорос, кој има унгарско-еврејско потекло, го става во центарот на своите кампањи и политички напади. Во минатото Орбан, како и многу други членови на Фидес, беа стипендисти на Сорос. Денес, истиот тој тврди дека Сорос сака да ја уништи унгарската нација и европскиот христијански идентитет преку населување на милиони муслимански мигранти, што, според него, е едно од средствата на „платениците“ финансирани од Сорос. Кон крајот на март, Орбан во видео обраќање изјави дека унгарската влада ги знаела имињата на „две илјади платеници на Сорос” и навести дека ги следат.
Повеќе:
- Моја Европа: Орбан е тест за конзервативците
- „Стоп Сорос“ - почна дебатата за пакетот закони против невладините организации во Унгарија
- Виктор Орбан и пропаста на Европа
„Непријатели на нацијата”
Неделникот чие име во превод значи „набљудувач”, што по објавувањето на листата веќе добива и цинична конотација, е во сопственост на историчарката Марија Шмит, блиска до Орбан, која важи за интелектуалното крило на Фидес и која повеќепати преку весникот има пуштано „пробни балони” за Орбан. На пример, на почетокот на 2017. преку прилог во „Фигело“ се воведе „Лекс ЦЕУ”, закон со кој „универзитетот на Сорос” требаше да биде затворен во Унгарија. Во овој контекст политикологот Атила Тибор Наги, од центарот „Мелтањошаг“ од Будимпешта, објавувањето на листата го смета како подготовка за носењето на пакетот закони „Стоп Сорос” на почетокот на мај, со кои треба да биде ограничена работата на невладини организации кои „поттикнуваат нелегална миграција”. „Со објавувањето имиња, кои инаку без исклучок се критичари на владата, се конкретизира профилот на непријателите“, вели Наги. Така погледнато, оваа епизода во кампањата против Сорос не изненадува.
Орбан и неговите европски непријатели
Наги нагласува дека Унгарија е далеку од ситуацијата во Русија или Турција, но слично како и други набљудувачи смета дека политичката ескалација е отидена скалило погоре. Тоа веројатно ќе предизвика дебата околу односот на Орбан и во ЕУ, и особено кај Европските народни партии, каде што припаѓа и Фидес на Орбан. Минатиот четврток холандската пратеничка од редовите на Зелените, Јудит Саргентини, во Европскиот парламент поднесе критички извештај за состојбите во унгарската демократија. Во Европската народна партија, пак, по изборната победа на Орбан, повторно се обнови жестоката дебата „за“ и „против“ исклучувањето на Фидес од нивните редови. Пратеникот од германската ЦСУ и шеф на пратеничката група на Европската народна партија, Манфред Вебер, е стриктно против исклучувањето на партијата и вели дека Орбан ќе може подобро да се насочи ако неговата партија остане членка. Марта Пардави од Хелсиншкиот комитет го критикува таквиот став: „Сите западни политичари кои сѐ уште на некаков начин го бранат Орбан сега веќе би требало да сфатат на каков политички пат се наоѓа Унгарија.“
„Фигело” пак, најави дека ќе продолжи со објавувањето имиња и се извини за тоа што на првата листа се нашле имиња на веќе починати. „Хистеријата и цунамито на загриженост“, според неделникот, биле неосновани и неразбирливи. Кој сакал да биде избришан од листата или пак доброволно да се најде на нејзе, можел да им испрати имејл.