Германија е оптимист за евроинтеграцијата на С. Македонија
17 јануари 2022„Германија останува близок пријател на Северна Македонија. Сериозни сме во однос на ЕУ перспективата на сите држави од регионот. ЕУ стои на својот збор за Северна Македонија. Сите услови за пристапните преговори се исполнети и тие треба да започнат, а Германија активно ќе се залага за тоа. Билатералните прашања мора билатерално да бидат решени, независно од пристапниот процес во ЕУ“. Ова се пораките коишто денеска во Скопје ги упати државната министерка за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Ана Лирман. Таа имаше средби со државниот врв веднаш по изборот на новата влада, но и во пресрет на утрешната посета на бугарскиот премиер, Кирил Петков, од која се очекува напредок во решавање на спорот меѓу двете земји.
Лирман е оптимист во однос на сигналите коишто пристигнуваат од Бугарија. Таа на новоизбраната македонска Влада и посака успех во однос на прашањата за кои утре ќе се разговара со бугарскиот државен врв. Притоа, неколкупати повтори дека билатералните прашања меѓу двете земји мора билатерално да бидат решени.
Симболична посета
Посетата на Лирман набрзо по нејзиното именување, во Скопје се толкува како демонстрација на јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во ЕУ.
„Ова е знак за блиската соработка на нашите две земји, се надевам дека ќе успееме наскоро да постигнеме исчекор за да започне првата Меѓувладина конференција“, рече Лирман. Таа на прес-конференцијата во Скопје порача дека и претставува задоволство што за прв пат е во регионот, при што има шанса да разговара со државниот врв, опозицијата и граѓанските организации во Северна Македонија.
Порача дека Северна Македонија покажала резултати со реформската агенда и со владеењето на правото. „Ве охрабрувам да останете на тој пат, бидејќи без борба против корупцијата, ниедна земја не може да се развива. Затоа е важно да продолжи тој процес“, вели Лирман.
Таа потенцираше дека приоритет за Северна Македонија и Бугарија треба да биде создавањето на заеднички регионален пазар, како и зајакнување на меѓуграничната соработка.
Лирман имаше средба со новоизбраниот министер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, кој рече дека е цврсто сум убеден дека денешната посета на германската министерка на Скопје е повеќе е симболична. „Во име на добрите односи и во име на просперитетот, се надевам дека ќе продолжи соработката и поддршката на реформиските напори. Очекувам Германија да се залага за политиката за проширување на ЕУ“, рече Маричиќ.
Средби со државниот врв
Република Македонија останува посветена на европската агенда и очекува скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција за стабилна и просперитетна Европа. Ова се пораките од денешните средби на државната министерка за Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Ана Линд со државниот врв во Северна Македонија.
Новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски на одвоените средби со Линд се заблагодарија што проширувањето на ЕУ и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц.Тие порачаа дека земјата е посветена да продолжи да чекори по реформскиот пат за членство во ЕУ и решително да презема активности во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.