1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лепење на скршеното

Тони Поповски
26 јуни 2021

Двете држави можат ефикасно да го залепат скршеното, но штетата е направена и на народите им е потребно силно емоционално лепило, наместо националистичко слепило. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/3vYrk
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Сосема легитимно настојуваме, колку е можно побргу да се операционализира донесената одлука на Европскиот Совет од март 2020 година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Процесот на преговори е движечка сила за позитивна трансформација на нашата држава и општество, а зачленувањето во ЕУ обезбедува повисок стандард и благосостојба. Оваа потреба е уште понагласена во момент кога се соочуваме со драматични последици од повеќекратната криза предизвикана од пандемијата. 

Не правиме притисок за брзо и нецелисходно одвивање на преговорите. Настојуваме преговорите оперативно да ги започнеме и во нив да учествуваме согласно со фундаменталните вредности на ЕУ и начелата на кои е заснована политиката за проширување, вклучувајќи ја заштитата на  правото на самоопределување и на етничкиот и јазичен диверзитет на Унијата.  

Колку повеќе посакуваме нешто и трчаме по него, повеќе ни бега

Преспанскиот договор е потпишан пред повеќе од три години, резултирајќи меѓу останатото и со прифаќање од страна на Република Грција дека постои македонски народ кој говори македонски јазик. Договорот е преточен во измени на Уставот вклучувајќи промена на името на државата и соодветно е рефлектиран во номенклатурата на ООН. Овој договор овозможи да станеме членка на НАТО, обезбедувајќи си безбедносен чадор.

Склучувањето на Преспанскиот договор беше ефективно олеснувано од ООН со отворена поддршка на САД и на сите институции во ЕУ. Договорот беше склучен и поради неговиот придонес кон пошироката стабилност на регионот, потврдено и во неодамнешната извршна наредба на Претседателот на САД.

Република Северна Македонија испорача, и покрај големата отстапка со променетото име на државата, која е без преседан. Повеќе од една година, Бугарија ja спречува ЕУ да го одобри наредниот чекор, еден од многуте на патот кон зачленување во Унијата. 

-претходни колумни: Еколошка такса - дополнителен арач или нужност

Нашето мултиетничко општество очекува брз почеток на фактички преговори со ЕУ и ефективна поддршка на остатокот од ЕУ покрај САД, за симнување на блокадата од Бугарија. Се уште постои висок степен на посветеност на евроинтегративниот процес кај нас, како и колективна рационална воља да исчекориме напред наспроти се поголемиот песимизам на духот поради неизвесноста, блокадите и постојаните одлагања. Со право очекуваме нашите тешки одлуки и болни компромиси да бидат наградени. Изодувајќи екстра милја со Преспанскиот  договор не смееме да бидеме принудени на изодување нов маратон.

Кризите полесно се надминуваат се додека не станат премногу лични

Реториката на бугарската држава во споредба со периодот пред и по првото вето, не е доминантно пиротехничка и тоа е за поздравување. Сепак, нивната техничка влада и претседателот на Бугарија нагласија дека се обврзани со Декларацијата на бугарското Собрание од октомври 2019 година, за проширувањето на ЕУ и процесот на стабилизирање и асоцирање на Република Северна Македонија и Република Албанија, во која се наведени низа предуслови за двете држави и дека за оценка на нивната исполнетост сепак е неопходно да се конституира собранието и да се избере политичка влада. Потоа следеше второто вето и следствено зголемување на последиците врз односите, пред се помеѓу бугарскиот и македонскиот народ. Истовремено, на бугарската техничка влада не и беше потребно конституирано собрание за да даде поддршка за усвојување на преговарачката рамка за соседна Албанија, без оглед дали бил донесен Закон за малцинствата и создадени сите услови бугарското национално малцинство да го изучува бугарскиот литературен јазик како мајчин во регионите во кои живее – Голо брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс, како што е наведено во Декларацијата.

И покрај овие (не)доследности, треба да се има предвид дека државните институции се создадени со обврска да се грижат за потребите на своите граѓани и се очекува да бидат прагматични и ефикасни. Притоа, претпоставка е дека двете држави можат ефикасно да го залепат скршеното, но штетата е направена. За одржлив и продуктивен однос, на народите им е потребно силно емоционално лепило наместо националистичко слепило.

Царски гамбит

Бугарскиот потег со Декларацијата е училишен вовед во неокласичен империјален гамбит, често игран на големите и малите шаховски табли пред создавањето на ЕУ. Во суштина оваа тактика е заснована на трансакциски пристап и обликување на обусловен однос, заснован на ултиматум врз „послабиот“. Патот до ЕУ води преку Бугарија, неколку пати изјавува нивниот претседател. Јавно и арогантно манифестирајќи моќ, преку две блокади, Бугарија настојува да го контролира интензитетот на проблемот и да го наметне тонот за негово разрешување. Се обидува да оствари контрола врз „форсираното шаховско" време, обидувајќи се да изнуди од нас премногу и веднаш. 

Самата блокада е реален притисок кој (не само) нас не вознемирува, не држи во чекална, не дистрактира од нашата перцепција за време и заслужен долгоочекуван момент, ни нанесува сериозни последици во услови на криза, а скептичниот дел од нас го тера да го преиспитува патот и донесените одлуки. Токму на скептичните е фокусирана тактиката на Бугарија, надевајќи се дека ќе предизвика преиспитување на геополитичката ориентација на македонскиот народ и следствено, внатрешна нестабилност, прикажувајќи се како единствен спасител на Македонците. За воља на вистината, ние Македонците сме под континуиран притисок да прескокнуваме повеќе процепи, не ретко и наеднаш. Засега тоа успешно го правиме но поради „замор на материјалот“ може да пропаднеме во некој од нив. 

-претходни колумни: Хјустон, имаме проблем

Во остварување на сопствениот интерес, на Бугарија и одговара да се замрзне „недоразбирањето“ на неодредено, очекувајќи да ги прифатиме нивните максималистички барања поради истоштеност со внатрешните политички проблеми и делби, економската криза предизвикана од пандемијата и колективното разочарување од поминатите години во европската чекална.

Сепак, со создавањето на ЕУ се воспоставија други „шаховски" правила и вредности иако нивната примена не ретко е заложник на внатрешно, рецидивно и „неевропско“ однесување, со обиди за опструкција на заеднички одлуки и политики. Глобалната шаховска табла се менува со голема брзина и бара консолидација на фигурите, а преку нив и на позицијата на ЕУ во мултиполарниот свет. Претпоставка е дека внатрешните правила на соработка и одлучување во Унијата сепак ќе бидат на дневен ред на претстојната Конференција за иднината на Европа.

Обид, железната завеса да се замени со завеса од чад

Однесувањето на Бугарија кон стабилноста на регионот е контрадикторно и е типичен пример на когнитивна дисонанца. Од една страна е нивната многупати повторена заложба за стабилност на регионот, а од друга, со блокирањето на перспективите на Македонија и индиректно на Албанија го постигнуваат токму спротивното. Завесата од вештачки чад, доколку некој западен ветер не ја расчисти, ќе придонесе за разгорување вистински оган со автентичен и токсичен чад. Секако, ова однесување само „случајно“ се преклопува со интереси надвор од нашиот регион, од ЕУ и САД. 

Бугарија постојано ни се обраќа со двозначен дисонантен говор. Ја признава македонската реалност со бугарски корен. Ние сме нивни браќа, но истовремено јавно обвинети и осудени од „браќата“ како крадци на нивната историја врз основа на која го градиме нашиот идентитет (последната изјава на Радев во Брисел). Токму вакво влегување во наш интимен простор, со коментари за наш идентитет кој е исклучиво наша работа, проследено со навредливо етикетирање, директно ја подрива соработката и пријателството помеѓу двете држави и народи. Пријателски однос за кој сме предодредени, а кој за жал стана заложник, засега само на еден, ревитализиран национализам. 

-претходни колумни: Како да постигнеме одржлив и отпорен опоравок?

Второто вето го забавува нашиот пат кон ЕУ, но не го прекинува. Само ние можеме да одлучиме да го прекинеме патувањето или да скршнеме од патот. Иако формално блокиран, сепак нашиот евроинтегративен процес има своја брзина. Се работи за процес, а не за мермерен саркофаг од минатото во кој хипнотички се загледани соседите во очекување да се случи чудо. 

Секогаш постои „внатрешна“ брзина во било кој процес. Ние се движиме и тоа напред, покрај впечатокот на многумина особено дома кај нас, дека сме заглавени.

Морален компас за морално водство

Губење на морален компас води кон губење на морално лидерство. Без морал и следствено етика, нема одржливо решение за било какво недоразбирање, по дома но и по надвор.

Ние мора да продолжиме со апел кон Бугарија но и кон искрените сојузници на двете држави за правење разлика помеѓу „добро“ и „лошо“, помеѓу нормално и абнормално однесување. Притоа, решенија за најсензитивните недоразбирања може и треба да се побараат низ еден органски и комплексен процес на навистина искрена, пријателска и продлабочена соработка, особено од страна на Бугарија.

Во спротивно, дури и да започнеме преговори, најверојатно ќе следат и други блокади, и ќе се претвори процесот во агонија. Впрочем, блокирањето на преговорите на самиот почеток е индикатор дека барем Софија проценува дека имаме капацитет и можност ефективно да исчекориме и да ги привршиме во разумен рок. 

На потег е Бугарија, и време е да понуди реми во царскиот гамбит, кое треба да го прифатиме.  Сепак, реми не е пораз за ниту една од засегнатите страни.