Лекарката на сиромашните е носител на Алтернативната нобелова награда
27 септември 2012Првата реакција на авганистанската лекарка Сима Самар на веста дека е добитник на Алтернативната нобелова награда беше скромна: „Мора да кажам дека, според мое убедување, не правам ништо особено, но околината во која што работам е исклучително тешка“, соопшти 59-годишната Авганистанка.
Токму условите во кои работи ја поттикнаа шведската комисија да донесе одлука наградата да и‘ ја додели на Сима Самар. Таа имено, е наградена поради нејзиниот долгогодишен ангажман и „постојаната изложеност на ризик по живот“, како и за нејзината „храброст и решителност во еден од најнестабилните региони во светот“.
Скромна и „незгодна“
Сима Самар, која е и меѓу фаворитите за Нобелова награда за мир, е позната како „лекарка на сиромашните“, која цел живот се залага за образование на луѓето кои живеат на општествените маргини, се залага за рамноправност на жените и за универзални човекови права.
Не и‘ било лесно уште од почеток. Лекарката припаѓа на шиитското малцинство Хасара во Авганистан, кое често е угнетувано. Сепак, успева да заврши медицински студии во Кабул. По советската инвазија на земјата, приморана е да побегне во Пакистан. Претходно, нејзиниот сопруг е грабнат и од него нема трага до денес. Во егзил живее 17 години. Како млад лекар долго работи во бегалски камп. Во пограничниот град Квета во 1987 година ја основа првата болница за авганистански жени и деца. Две години подоцна ја основа организацијата Шухада, која во меѓувреме опфаќа повеќе од сто училишта, како и 15 болници и амбуланти од двете страни на авганистанско-пакистанската граница.
И по преземањето на власта од страна на талибанците лекарката се залага за медицинско згрижување и образование на жените и децата. По влегувањето на американските трупи во Авганистан во 2001 година, се враќа назад во татковината и станува министерка за женски прашања во авганистанската преодна влада. Во 2002 година дава оставка и го презема претседавањето со независната Комисија за човекови права во Авганистан. Поради изјавите и извештаите кои за власта не секогаш се пријатни, таа постојано доаѓа во конфликт со владата на претседателот Хамид Карзаи.
Награди и за американски научник и турски еколог
Денеска признание, дотирано со 50.000 евра, му е доделено и на американскиот научник Џин Шарп за неговите стратегии за ненасилен отпор. Наградена е и една британска кампања против трговија со оружје. Награда која не е дотирана со пари доби и турскиот заштитник на животна средина Хајретин Карача. Алтернативните нобелови награди се доделуваат од 1980 година, непосредно пред обелоденувањето на носителите на Нобеловите награди. Со нив им се оддава признание на луѓе и организации за „практични одговори на најитните предизвици на нашето време“.