Todestag Tito
4 мај 2010Јосип Броз Тито беше водач на антифашистичкото движење во поранешна Југославија. По Втората светска војна, се’ до неговата смрт, тој цели 35 години беше претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, претседател на владејачкиот Сојуз на комунистите, како и врховен командант на Југословенската Народна Армија.
Харизматична фигура
Тито беше харизматична личност, но направи и една решавачка грешка. Имено, по крајот на војната 1945 година тој забрани да се зборува за претходните внатрешни конфликти со образложение дека тие настанале поради фашистите од Италија и нацистите од Германија, коментира Ханс Кошник, поранешен пратеник во германскиот парламент и прв меѓународен управник на поделениот Мостар. Така по смртта на Тито старите конфликти повторно се разгореа, што не мораше да се случи доколку тие беа подобро обработени. Во тој случај барем еден дел од граѓанските војни од 90-тите години во поранешна Југославија немаше да има таков тек, каков што доживеавме, нагласува Кошник. „Тито беше омилен бидејќи се ослободи од канџите на Москва, но имаше противници оти беше комунист. Сепак тој беше еден од ретките кои беа во состојба да градат мостови меѓу блоковите, еден од ретките со кого можеше да се соработува. Такви беа Финците, Југословените и Австријците.“
Причини за пропаѓање на државната творба
Професорот Холм Зундхаузен од Институтот за Источна Европа при Слободниот универзитет во Берлин не се согласува со тезата дека распадот на Југославија дојде поради избивањето на омразата, потисната во ерата на Тито. Професорот Зундхаузен смета дека политиката на неврзаност што ја форсираше Тито стана излишна со распаѓањето на Источниот блок. Освен тоа системот на работничко самоуправување се покажа како економски неефикасен и така системот на Тито постепено ја губеше легитимноста. Војната што дојде во 90-тите години ја предизвикаа Титовите политичари и интелектуалци, тврди професор Зундхаузен:
„Неговото име е симбол за ослободувањето на земјата од владеењето на национал-социјалистите и нивните сојузници, потоа за моделот на самоуправување, како и за политика на неврзаност за блоковите. Но, кога се зборува за средствата што Тито ги користеше за остварување на неговите политички заложби, тогаш сликата е поинаква. Тука имаше жртви на одмазда под крајот на војната и слично. Да имаше во тоа време Трибунал за поранешна Југославија, тогаш Тито веројатно ќе мораше да се појави во него...“
Ново толкување на историјата
Харалд Потемпа од Институтот за воена историја од Потсдам пак нуди ново видување на партизанската војна од времето на Тито. Тој смета дека за успехот на титовите партизани во голема мера придонело повлекувањето на германската армија, која не сакала да остане отсечена на Балканот од Црвената армија. Потемпа исто така оценува дека владеењето на Тито било помека диктатура од другите, но сепак претставува еднопартиски систем.
Балканологот Ридигер Росих пак вели дека мислењето за Тито како диктатор го сменил во времето на војните од 90-тите години: „Во меѓувреме му се одушевувам на Тито и тоа не затоа што успеал да ги држи под контрола чудните балкански народи, туку затоа што создал држава во која граѓаните имаа чувство дека можат добро да живеат во тогашните околности. Тоа е од денешна перспектива голема работа. Си посакувам денес да има неколку политичари во регионот, кои би му биле слични на Тито“, нагласува балканологот Ридигер Росих.
Автор: Селма Филиповиќ/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска