1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Легализацијата на дивоградбите отвора многу дилеми

26 декември 2010

Дали најавениот закон за легализација на дивоградбите во Македонија ќе го реши проблемот кој се влече со децении. Архитекти и градоначалници велат дека тој ќе предизвика дополнителен хаос

https://p.dw.com/p/QjMj
Фотографија: DW

Градоначалниците на нож ги дочекаа решенијата во законот, особено оние за висината на надоместокот за легализација на дивоградбите и фактот дека во него не се опфатени станбените згради и деловните објекти .

Мобилни тимови на Министерството за транспорт и врски почнаа на терен, во општините, да ги презентираат новитетите во законот, што веќе е искритикуван од градоначалниците и речиси демонтиран од експертската јавност.

„Предлог законот не само што нема да го реши проблемот со бесправните градби во Македонија, туку ќе внесе тотален хаос во уставниот поредок, во функционирањето на единиците на локалната самоуправа, во владењето на правото во областа на сопственоста, планирањето и градењето. Практично, ќе предизивка колапс и во урбанистичкото и во просторното планирање и во контролата на градењето“, дециден е професор Мирослав Грчев од Архитектонскиот факултет.

Закон без свест за последиците

Законот, вели Грчев, е изготвен очигледно без свест за последиците, што ќе ги предизвика, што значи комплетно некопмпетентно и нестручно решение и практично нема да реши ништо во смисла на неговата намера.

„Законот има десет страници и 30-тина членови, а верувајте јас имам повеќе забелешки од членовите во него“, вели архитектот.

Panoramabild von Ohrid
Старото градско јадро на Охрид ќе биде посебен проблем при евентуалната легализација на дивоградбитеФотографија: Petr Stojanovski

Главната грешка му е што не прави јасна поделба на објектите што можат да влезат во правниот поредок, со постапката на легализација, од оние што под ниту еден основ не можат да се легализираат.

Градоначалниците најмногу се жалат на утврдената висина на надоместокот од 0,5 отсто од сите примања на членовите кои живеат во дивоградбата што треба да се легализира. Таа ставка, сметаат, ке ги направи нерамноправни сите граѓани што сакаат да ги легализираат дивоградбите. За посиромашните или социјални случаи, легализацијата ќе биде речиси бадијала, додека тие што имаат солидни примања ќе треба да платат многу повеќе и од редовната цена на комуналната такса за градење.

Таксата најголем проблем

„Не може питомите да плаќаат по една цена, а дивите по друга цена. Си има точна формула по која се пресметува надоместокот, и се знае колку треба да плати секој граѓанин, вклучувајќи ги и сопственциите на дивоградби“, објасни градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски.

Дел од нив, посебно од руралните средини бараат таксата да остане онаква како што е утврдена од Советите на општините, па ако може дури и да се преполови.

„Можеби ќе биде подобро таксата за градба да остане како што е донесена од Советите на општините, со тоа што онаму каде нема урбанистичка планска документација таа да биде намалена за 50 отсто или да има скалест попуст што ќе зависи од амортизацијата на објектите“, вели градоначалникот на Желино Фатмир Изеири.

Градоначалниците сметаат дека законот е неуставен и, ако биде донесен во парламентот, дека ќе биде поништен од Уставниот суд. Генерално, тие не сакаат сопствениците на дивоградби место да се казнуваат, со овој закон да бидат наградени.

Verfassungsgericht in Mazedonien
Уставниот суд ќе има полни раце работа со новиот законФотографија: Petr Stojanovski

Конечно решавање на проблемот

„Првиот ден после објавувањето во службен весник, ќе ја средам иницијатива пред Уставнио суд затоа што законот го крши уставниот поредок по голем број на точки и членови“, изјавува Грчев.

На сите овие забелешки, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вели дека е свесен дека законот не е идеален, но смета дека е ова обид за навек да се реши повеќедеценискиот проблем.

„Целта на донесувањето на овој закон не беше луѓето да се казнуваат, туку да се разгледа социјалниот аспект на законот и на градењето на куќите“, вели Јанакиески.

Сосема спротивен е ставот на Грчев, кој вели дека „страшното е што ова е нестручно, нетранспарентно, криминогено, и обезбедува приход од практично криминални пари, и практично е правно и уставно неспроведливо“, завршува Грчев.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Борис Георгиевски