1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина реакции за „Нечиста крв“ во јавноста

ДТЗ
18 јули 2022

Истражувањето на ИРЛ открива загрижувачки податоци за третманот на ковид-пациентите за време на пандемијата. Од клиниката „Жан Митрев“ обвинуваат за намерно нарушување на угледот и честа

https://p.dw.com/p/4EHK9
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Истражувањето на ИРЛ насловено како „Нечиста крв“, коешто обелоденува загрижувачки податоци за третманот на Ковид-пациентите во една од приватните болници во Северна Македонија, предизвика лавина реакции во јавноста. За случајот се заинтересира и Обвинителството, кое отвори предмет по допрен глас, додека од директно засегнатата клиника „Жан Митрев“ истражувањето го оценија како обид за намерно нарушување на угледот и честа на болницата. 

Скапи методи - голема смртност 

До какви сознанија дошле новинарите за време на истражувањето коешто се базира на 24 пријави на граѓани од Македонија и Косово кои биле истражувани и проверувани повеќе од 22 месеци. Во фокусот на нивниот интерес биле злоупотребите на методот на хемофилтрација од страна на клиниката „Жан Митрев“ за време на пандемијата. За овој метод пациентите плаќале од три до пет илјади евра, но во документарецот се наметнува прашањето дали тој бил одобрен од соодветните институции и дали придонел за влошување на здравствената состојба на пациентите. 

Дополнително, документарецот открива дека скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако е законски обврзана да го извести државниот орган. 

Централно место во истражувањето има семејството Брезеви, кои изгубиле член на фамилијата кој се лекувал токму во оваа болница. Сопругата на починатиот за ИРЛ раскажува дека покрај лекувањето на Ковид, нејзиниот сопруг добил низа интрахоспитални инфекции, а бил подложен и на хемофилтрација на крвта. 

По сведоштвото на семејството Брезеви, стотици други граѓани пријавиле неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем. Голема е бројката и на оние коишто на социјалните мрежи коментираат дека поминале низ слична голгота и во други клиники во земјата. 

Лажна слика за болницата 

Од клиниката „Жан Митрев“ реагираат дека станува збор за невистинити квалификации кои се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на болницата, а истите се и вознемирувачки и за пациентите. Тие велат дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нив, како и од неточните наводи, односно фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност на работата на болницата.

„Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на клиничката болница 'Жан Митрев', каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на д-р Жан Митрев“, велат тие.

Според нив, болницата успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижа во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во неколку случаи. „Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската пандемија предизвикана од страна на вирусот Ковид-19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број човечки животи“, велат од Жан Митрев.