1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курц постигна договор за нова влада - Зелените првпат во неа

ЖА /ДВ
2 јануари 2020

Конзервативната партија на Себастијан Курц и Зелените постигнаа договор за коалиција, Курц повторно треба да биде канцелар. Партијата на зелените првпат влегува во сојузна влада во Австрија.

https://p.dw.com/p/3Valj
Koalition Österreich - Koalitionsgespräche
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Neubauer

Народната партија на Австрија договори владина коалиција со Зелените, што е потврдено од двете партии. Себастијан Курц, кој ги води конзервативците, партија на десниот центар, би требало повторно да биде сојузен канцелар, а Зелените првпат би учествувале во сојузна влада. 

Договорот за коалиција мора да биде одобрен на конгрес на Зелените, кој ќе биде одржан в сабота, а за да биде биде прифатен, за него треба да гласаат најмалку 50 проценти + еден од делегатите.

Премиера, изненадувања и супер-министерство

Едно од изненадувањата во плановите околу министерствата е воведување Министерство за интеграција, кое ќе го преземе Сузане Раб (35), блиска соработничка на Себастијан Курц. Таа претходно беше шеф на Одделението за интеграција во Министерството за надворешни работи и важи за заговорник на тврд курс. Правник и психолог по образование, Раб учествуваше во обликувањето на австрискиот закон за ислам, како и оној за забрана на бурката. Курц ја фалеше како „млада и многу искусна експертка за интеграција“.

Susanne Raab ÖVP Österreich
Курц и` дава доверба на Сузане РабФотографија: picture-alliance/dpa/A. Muratovic

Зелените добиваат „супер министерство“ кое ги обединува прашањата за животната средина, транспорт, инфраструктура, енергија, технологии и иновации. Планирано е да го води Леоноре Гевеслер (43) која беше на чело на еколошката невладина организација Глобал 2000 се` додека Вернер Коглер, лидер на Зелените, не ја убеди да се кандидира на листата на Зелените на парламентарните избори во септември.

На првата позиција во Министерството за одбрана првпат треба да застане жена: Клаудија Танер која моментно е директорка на Здружението на земјоделци во покраината Долна Австрија. Бившиот генерален секретар Карл Нехамер ќе биде министер за внатрешни работи, а министер за надворешни работи ќе биде  Александeр Шаленберг,  единствен член од сегашната привремена влада на експерти кој останува на власт. 

Österreich Alexander Schallenberg in Madrid
Познато лице во владата - Александер ШаленбергФотографија: picture alliance/dpa/B. Akbulut

Иден министер за финансии веројатно ќе биде поранешниот канцелар-министер Гернот Блимел, дипломиран филозоф, чија претходна надлежност, вклучувајќи ја и одговорноста за европската политика, ќе ја преземе поранешната судијка Каролин Едштадлер, која моментно ја води пратеничката група на Народната партија на Австрија во Европскиот парламент. Елизабет Кестингер повторно би била министер за земјоделство, а Хајнц Фасман - министер за образование.

Од Зелените, според очекувањата, во владата како министер за правда ќе влезе и адвокатката Алма Задиќ (35), по потекло од Босна и Херцеговина, како и професорот Рудолф Аншобер (59) како надлежен во Министерството за здарвство и социјални прашања.

Koalition Österreich  Klaudia Tanner
Клаудија Танер на чело на Министерството за одбранаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Glaser

Се`уште е отворено прашање кој ресор ќе го преземе идниот вицеканцелар и шеф на Зелените, Вернер Коглер: се споменуваат државната администрација и спортот, но и културата.

Оваа сојузна влада во Австрија би била прва во која жените се во мнозинство, а освен тоа, и доста млада - шест од потенцијалните членови на владата на Курц имаат под 40 години, а пет останати се под 50 години.

Аферата Ибица и предвремени избори

Во Австрија од 27 мај владее привремена влада на чело со премиерката Бригите Бирлајн. Предвремените избори и коалиционите преговори во Австрија станаа неопходни откако лани во мај конзервативно-десничарката влада на Народната партија и на Слободарската партија на Австрија, се распадна по објавувањето на видеото од Ибица.  Бившиот лидер на Слободарската партија  на Австрија, вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе  на снимките покажа подложност кон корупција и мораше да поднесе оставка. На Курц неколку дена подоцна му беше изгласана недоверба, тој распиша нови избори.

На предвремените избори на 29 септември, Народната партија на  Себастијан Курц  освои 37,5 проценти од гласовите, станувајќи најсилна партија, а Зелените беа четврти со 13,9 проценти, со што по две години пауза се вратија во парламентот. Двете партии сега имаат 97 пратеници од вкупно 183 мандати.

Leonore Gewessler  Die Grünen Österreich
Леоноре Гевеслер од Зелените ќе води „супер-министерство“Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Schlager

Барање заеднички меѓу различните приоритети

Без оглед на тоа што партиите објавија бројни кадровски детали пред постигнувањето договор, не сакаа многу да зборуваат околу политичката содржина на коалициониот договор. Во текот на преговорите двете партии го нагласуваа постоењето големи разлики и нужноста од надминување големи пречки на патот кон коалиција. Додека Курц отфрла нови даноци, придава значење на антимиграцискиот курс и сака да биде близок до стопанството, Зелените за приоритет ја имаат заштитата на климата, борба против детска сиромаштија и поголема транспарентност.

Курц на крајот ја пофали владината програма како „одличен резултат“, „комбинација на најдоброто од два света“, како што изјави на прес-конференција одржана заедно со шефот на Зелените, Вернер Коглер, истакнувајќи дека двете партии ќе можат да ги исполнат своите главни изборни ветувања. Сепак, идниот канцелар призна: „Преговорите, морам да бидам искре, не беа лесни.“