Кристијано Роналдо е најдобар!
13 јануари 2009Со неговата доминантност и сјајните голови го предводеше „Манчестер Јунајтед“ и во Премиер лигата и во Лигата на шампионите - ова беше доволна причина за капитените и тренерите на националните тимови од цел свет да го прогласат Кристијано Роналдо за најдобар фудбалер во минатата година. Дваесетитригодишниот Португалец минатиот месец ја доби и наградата за најдобар европски фудбалер, а со признанието за најдобар светски фудбалер, стана прв играч од Премиер лигата што ја добива најважната награда во светскиот фудбал. Мојот сон се оствари, изјави Роналдо: „Чувството е неверојатно. За ова сонував уште како дете. Одлично е, многу се гордеам и среќен сум што ја освоив оваа награда“, рече Роналдо на церемонијата на доделувањето на наградите во Цирих. Фудбалерот, кого што често го обвинуваат дека е арогантен, во говорот не ги заборави своите соиграчи, велејќи дека не би постигнал ништо без квалитетните фудбалери околу него.
Наградите беа соопштени од бразилската фудбалска легенда Пеле. На второто место се најде Аргентинецот Лионел Меси, кој игра за „Барселона“, додека третото место го освои Фернандо Торес од „Ливерпул“.
Бразилката Марта непобедлива
Во женска конкуренција, Бразилката Марта трета година по ред е прогласена за најдобра фудбалерка, оставајќи ги Германката Биргит Принц на втората и Бразилката Кристијане на третата позиција.
ФИФА објави и дека наградата за фер плеј им ја доделува на претседателите на турската и ерменската фудбалска асоцијација. Пред мечот за квалификација во светското првенство во фудбал, претседателите на двете асоцијации се ракуваа - по децении недоверба и политички молк меѓу нивните земји.