1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата кулминира, задолжувањето галопира!

Костадин Делимитов14 април 2016

Темпото на позајмување пари за тековни трошоци или раздолжување, според експертите, веќе станува загрижувачко. За три месеци Владата веќе потрошила и една третина од дефицитот.

https://p.dw.com/p/1IV8G
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

4,3 милијарди евра јавен долг, 92 милиони евра во минус по првиот квартал од годинава. Владата веќе потроши близу една третина од планираниот дефицит за годинава, или точно 91,7 милиони евра од планираните околу 308 за цела 2016. До крајот на годинава, власта има на располагање околу 216 милиони евра, но ако се оди со вакво темпо сигурно дека тие средства ќе бидат малку за да се покријат планираните трошења. Паралелно со зголемените расходи зачестија и задолжувањата, посебно годинава кога речиси секој вторник е ден предвиден за позајмување пари, или емисија на државни хартии од вредност. Дополнителниот заменик министер за финансии предупредува дека власта продолжува да троши повеќе од она што реално може да го прибере во буџетот:

„Ако продолжи ова темпо на задолжување до крајот на годината дефицитот ќе изнесува повеќе од 360 милиони евра. Согласно усвоениот буџет за 2016 година планираниот дефицит за цела година изнесува нешто повеќе од 308 милиони евра. Согласно објавениот календар на аукции на државни хартии од вредност, месецов следуваат уште две закажани аукции по кои не доспеваат долгови за враќање. Што значи, било која сума запишана со овие аукции ќе значи нови нето долгови“, реагира дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов.

Mazedonien Kire Naumov stellvertretender Minister für Finanzen
Кире НаумовФотографија: DW/K. Delimitov

Темпото на задолжување, особено во контекст на апсолутната нетраспарентност за намената на парите е предмет на сериозна загриженост, не само од страна на домашната јавност, туку е нотирано и во последните извештаи на сите меѓународни институции кои ја анализираат економската состојба во Македонија. Дополнително, што во услови на тешка политичка криза процесот не запира, туку напротив - дури и галопира. Јавниот долг веќе достигна 4,3 милијарди евра и за последните десет години е зголемен за 2,5 милијарди евра:

„Недозволиво е во истиот период по толку потрошени средства, односно по толкаво задолжување, да немаме ниту еден инфраструктурен проект кој е целосно реализиран. Таков пример во светот речиси и да не постои“, реагира Наумов.

Алармот е одамна вклучен, но...

Експертите веќе одамна алармираат дека темпото на задолжување е прединамично. Дефицитот загрижува, но не толку во динамиката на неговата реализација, туку околу тоа како и за што се трошат парите:

Abdulmenaf Bedzeti Akademiker Mazedonien
Абдулменаф БеџетиФотографија: Sveto Toevski

„Јас сметам дека отстапувањето во дефицитот засега не е толку големо. Да, темпото е забрзано, но имало предизборија кога тоа било и поинтензивно. Идеално е квартално тоа да биде 25% или една четвртина, јас очекував дека состојбата е поинаква, но во секој случај зависи како ги димензионираат временските разграничувања во делот на трошењето. Но околу тоа и дополнителниот заменик министер ги гледа податоците онака како што се обработени, тој нема увид како настанува тој дефицит! Така што во секој случај треба да се видат временските разграничувања помеѓу трошењето и исплатата, односно евидентирањето и исплатата. Тие три категории се важни, што е стварен трошок, што од тоа е евидентирано и што е исплатено. Тој податок го знае само Ставрески, па дури и тој не до крај, зависи колку му е книговодството ажурирано“, смета универзитетскиот професор, академик Абдулменаф Беџети.

Нема доволен увид како се трошат народните пари

Отчетноста, односно контролата, увидот во трошењето на народните пари не е силна страна на оваа власт. За колку чувствително прашање станува збор посебно дојде до израз откако беше именуван дополнителниот заменик министер за финансии:

Mazedonien Gebäude Regierung
Владата скоро секоја година преку ребаланс на буџетот го продлабочува буџетскиот дефицитФотографија: DW/P. Stojanovsk

„Сите задолжувања на домашниот пазар на капитал по моето именување за дополнителен заменик министер за финансии ги имам оспорено пред Управниот Суд. Таа постапка свесно се одолговлекува. Но, по одлуката на актуелниот состав на Владата со која ги поништи сите одлуки во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика кои се без потпис на дополнителните заменици министри, јасно порачав дека во наредниот период нема да биде изненадување доколку Владата за да ја оправда оваа своја одлука, ги поништи и сите одлуки во Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои немаат согласност од дополнителните заменици министри. Во Министерството за финансии сите одлуки донесени од страна на Министерот за финансии се без моја согласност и потпис. Тоа мора да го имаат во предвид учесниците на аукциите на државни хартии од вредност на домашниот пазар“, укажува Наумов.

Според буџетот за 2016 година, минусот во државната каса е проектиран на 308,6 милиони евра или 3,2 % од БДП што главно се темели на проекции за намалена јавна потрошувачка. Владата скоро секоја година преку ребаланс на буџетот го продлабочува буџетскиот дефицит, а многу веројатно е дека истото ќе се случи и годинава. Не само поради досегашните податоци во делот на реализација на планираните трошоци, туку и поради фактот што претстојат предвремени парламентарни избори, кои сепак стануваат и неизвесни по одлуката за аболиција која ја донесе претседателот Ѓорѓе Иванов.