Кризата во Опел се продлабочува
18 октомври 2004Ситуацијата во Опел постојано се заострува. Претседателот на работничките совети на вработените во Опел во Бохум, Руселсхајм и Кајзерслаутерн, Клаус Франц, не смета со брзо завршување на преговорите со раководството на фирмата. Материјата е едноставно премногу комплексна. За време на викендот, масло на огнот долеа шефот на Џенерал Моторс за Европа, Фриц Хендерсон, кој рече дека не може да се исклучи затворање на некои погони на Опел. Вработените во Бохум се чувствуваат најзагрозени, зашто фабриката таму е најстара и најнеефективна. Вработените во Бохум велат:
”Не почнуваме со работа. Сеедно што тие преговараат. Нема да работиме. ”
”Нам не ни е само до Опел, туку до целата Рурска област. И, ќе останеме да стоиме овде.”
Дури и на црковната богослужба во Бохум, вчера имаше само една тема – кризата во Опел.
”Се молевме за луѓето што работат во Опел.”
”Ако вака продолжи, тогаш тоа нема да важи само за Опел, туку сите ќе останеме без работа.”
”Оние во Детроит можеби не знаат ниту каде се наоѓа Бохум. Тоа дека десет илјади човечки судбини висат, не ги интересира.”
Протестите во Бохум го чинат претпријатието секојдневно милиони евра загуби. Со оглед на тоа што во Бохум се произведуваат делови кои ги користат и другите фабрики на Опел во Европа, многу бргу работата ќе биде загрозена насекаде.
Затоа министерот за економија, Волфганг Клемент, апелираше:
”При сето разбирање за грижите предизвикани поради најавите на менаџментот, ги молам рабтниците во Бохум да не создаваат дополнителна несигурност, туку да веруваат дека со преговори може да се најде решение.”
Клаус Франц, кој денеска со раководството на Опел преговара во име на работниците, повеќе би сакал мирни преговори, наместо преговори под притисок на штрајк, зашто како што вели, веќе стравува дека големи резови се неизбежни.
”На крајот на овој процес нема да се излезе без намалување на персоналот. Нашата цел е тоа да го направиме што е можно посоцијално.”
И, додека во Опел во Германија се тресат столбовите, во фабриките на Опел во Полска се се следи со внимание. Особено во фабриката во Гливице. Таму не само што не се затвораат, туку се отвораат илјада нови работни места. Славомир Чиебиера, шеф на синдикатот на Опел во Полска, вели:
”Не е наша вина што Џенерал Моторс се сели во Гливице. Ние, како синдикат, даваме поддршка на сите штрајкови во Европа. Се солидаризираме со нашите колеги зашто за неколку години тоа може да не погоди и нас. ”
Но, тој знае дека полските производители на автомобили го имаат триумфот в рака. Со само 2500 злоти, или 580 евра месечна плата, тиа сигурно ќе ја истиснат западноевропската конкуренција. А, и во делот на квалитетот, Гливице е многу подобрено. Неодамна и германските експерти мораа да признаат дека Опел Агила кој се произведува во Полска е единствениот автомобил кој во делот на сигурност може да се мери друи и со јапонските производители.