1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Кина ги урива светските берзи

Б. Георгиевски/афп7 јануари 2016

По вторпат неделава кинеската берза го прекина тргувањето по големиот пад на вредноста на акциите. Кризата се шири и кон САД и Европа. Продолжува да паѓа и цената на нафтата.

https://p.dw.com/p/1HZed
Фотографија: picture-alliance/dpa/Rumpenhorst

Светските берзи бележат загуби, а вредноста на нафтата продолжи да паѓа, засилувајќи го стравот на инвеститорите за глобалната економија по драматичното забавување на порастот во Кина.

Европските берзи забележаа стрмоглав пад утрово како директна последица на кризата на азиските берзи и суспендирањето на тргувањето во Кина - втората најголема економија во светот и еден од најголемите потрошувачи.

Во САД, Волстрит забележа пад уште во средата, а инвеститорите беа особено исплашени поради извештајот на Светската банка со кој за годинава се предвидува намален глобален пораст.
Уште во 9 часот изутрината водечкиот лондонски индекс ФТСЕ 100 падна за големи 2,8 проценти. Водечките берзи во еврозоната, Париз и Франкфурт, паднаа за три проценти, а нешто подобри беа Мадрид и Милано. Малите нордиски пазари паднаа за повеќе од 4 проценти.

„Пазарите на капитал продолжуваат со големи загуби, а довербата на инвеститорите е под притисок на разни фактори“, вели Лукман Отунуга, аналитичар во берзанската група ФХТМ. „Меѓу нив се стравовите за глобалниот пораст по слабите бројки од Кина, засилените геополитички тензии меѓу Саудиска Арабија и Иран и неочекуваниот нуклеарен тест на Северна Кореја. Сето тоа ги одвраќа инвеститорите од ризични потези“.

Геополитичкиот развој и’ зададе нов удар и на цената на нафтата, која во Њујорк денеска падна на најниско ниво во последните 12 години - 32,10 долари за барел. Единствено профитира златото кое се смета за сигурна инвестиција, а се забележува пораст и на инвестициите во државните обврзници, особено германските, благодарение на кои се одржува и цената на еврото во однос на доларот и фунтата.

Кинеските берзи беа затворени денеска, по втор пат неделава, откако цените паднаа за повеќе од 7 проценти. Кинеските регулатори го затворија тргувањето само 30 минути по неговиот почеток, а централната банка ја намали вредност на јуанот за 0,5 проценти во однос на доларот. Вредноста на јуанот сега е најниска во последните пет години.

Кризата во Кина се пренесе и на другите азиски берзи. До крајот на денот акциите на берзата во Хонг Конг паднаа за три проценти, а во Токио загубија 2,2 проценти од вредноста.