1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајот на војната

Сара Јудит Хофман / Елизабета М. Фиданоска8 мај 2015

Германската армија капитулираше на 8 мај 1945 година. Но, мирот не завладеа веднаш насекаде во земјата. А и многумина Германци тој ден не го сфаќаа како ден на ослободување.

https://p.dw.com/p/1FIEa

„Војната заврши. Оружјето молчи.“ Овие реченици во дневникот на својот сопруг ги напишала Хилдегарт Тајнерт на 9 мај 1945 година, кога насекаде во Германија беше објавена капитулацијата на германскиот Вермахт. Непосредно потоа наставникот по латински јазик Јоханес Тајнерт во малото место Глац во Долна Шлезија прво ја убива својата сопруга, а потоа и себеси. Но, да одиме по ред.

Берлин-Карлсхорст, 8 мај 1945 година, 23:45 часот. Генералфелдмаршал Вилхелм Кајтел ја потпишува безусловната капитулација на германскиот Вермахт. Таков е барем официјалниот датум на документот. Кајтел меѓутоа својот потпис под своето име на документот го става на 9 мај. Неговиот потпис е само формално повторување на она што ден претходно беше запечатено во Ремс. Таму генералполковник Јодл прогласи „безусловна капитулација на сите воени сили на копно, по вода и во воздух“. Сите воени дејства требаше да запрат на 8 мај во 23:01 часот.

Под притисок на Сталин, како што гласи вообичаената теза, церемонијата морала да биде повторена во Берлин. Во Ремс немало ниту еден висок претставник на Советската армија. „Тоа сигурно играло некаква улога“, вели Маргот Бланк од Германско-рускиот музеј во Берлин-Карлсхорст. „Но позначајни биле задршките на британската страна. Имено, тие укажуваат дека по крајот на Првата светска војна германското воено раководство не капитулирало, туку ја испратило во првиот ред цивилната влада, за потоа да каже: ние сме на поле непоразени.“

Mauerchronik 1_1
Кајтел ја потпишува капитулацијата на ВермахтотФотографија: picture-alliance/akg-images

Крај на „Третиот рајх“? Генерал Дениц е се‘ уште на функција

Стравот од второ „забивање нож в грб“ ги натерал Британците да се согласат со предлогот на Сталин, нагласува Бланк. Новата германска капитулација е потпишана од највисоките по чин команданти на германските трупи: највисокиот командант Кајтел за целиот Вермахт, генералполковник Штумпф за воената авијација и генераладмирал Фон Фридебург за воената морнарица. Потпишувањето во Ремс и во Карлсхорст следува по договор со претседателот на Рајхот, Карл Дениц. Откако Хитлер на 30 април си го одзема животот, Дениц е официјален наследник на диктаторот. Неговата влада, по бегството од Берлин, е со седиште во Фленсбург и таму и се враќа по потпишувањето на капитулацијата во Карлсхорст. Владата на Рајхот официјално останува на функција. „Не капитулираше германскиот Рајх, туку Вермахтот“, објаснува Јоханес Хиртер од Институтот за историја на современото доба во Минхен.

Британците ги апсат Дениц и дел од членовите на владата дури на 23 мај, меѓу другото и под притисок на Американците, до чии уши стигнало дека и по 8 мај се убиваат луѓе врз основа на пресуди на германски воени судови.

„Часот нула“ за луѓето во Германија не чукна баш на 8 мај. За Есер Бејарано тој чукна на крајот на април, кога руските војници се сретнаа со американските. Славејќи тие заеднички запалија слика на Хитлер. Тука се присутни и еврејски девојчиња, кои успеваат да побегнат од еден „марш на смртта“ низ Рајхот. Една од нив е и Естер Бејарано. „Тие сите танцуваа околу сликата, а јас свирев“, се сеќава денес 90-годишната Бејарано. Тоа било првпат таа доброволно да свири хармоника по времето на музицирање во Аушвиц, каде членството во оркестарот и‘ била единствена шанса да преживее. „Тоа беше моето ослободување. Тогаш сфативме дека сме слободни.“

Сите концентрациони логори се ослободени до 8 мај. Но каде да се оди? Многумина логораши талкаат низ Германија во потрага по роднини. Други поради исцрпеност мораат да останат во логорите со недели по ослободувањето. Во Берген-Белзен Британците основаат Камп за раселени лица.

Deutschland 1945
Меѓу страв и ослободување: непосредно по крајот на војната гладни луѓе бараат храна во вагониФотографија: picture-alliance/dpa/ E.Feix

„Дете, вети ми дека ќе се убиеш“

„Во некогашниот Германски Рајх талкале многу милиони луѓе, раселени лица, принудни работници, воени заробеници, бегалци, поранешни логораши“, вели професорот Хиртер. „Имало различни емоции - ослободување, но и страв.“

Брачната двојка Тајнерт од Долна Шлезија чувствувала страв. Страв од одмазда на победниците, зашто за злосторствата на Германците дознаваат, меѓу другото и од разговор со еден поранешен ученик кој се вратил од Источниот фронт. „Многу луѓе имале чувство на вина и чувство дека се вмешани во сето тоа и затоа се плашеле од она што може да дојде.“ Во својата книга „Дете, вети ми дека ќе се убиеш“ Флоријан Хубер го опишува најмасовното самоубиство во историјата на Германија, меѓу другото и судбината на брачната двојка Тајнерт. Тој пишува дека само во малото гратче Демин во Предна Померанија, кое броело само околу 15.000 жители, се убиле меѓу 700 и 1000 луѓе. Во Берлин, во последната година од војната, бројот на самоубиства се зголемил за пет пати во споредба со претходните години. И во Глац брачната двојка Тајнерт не е единствената која си го одзема животот. „Само неколку мига и потоа се‘ ќе помине, се‘, засекогаш!“, пишува Хилдегарт Тајнерт непосредно пред да биде убиена од сопругот. Само еден ден по крајот на Втората светска војна.