Крај на ерата Пиноче
11 декември 2006Чилеанскиот екс-диктатор Аугусто Пиноче е мртов. На возраст од 91 година почина вчера од срцев удар во една болница во главниот град Сантјаго Де Чиле. Пиноче беше водач на пучистите кои во 1973 година го соборија демократски избраниот социјалистички претседател Салвадор Алјенде. Востанови воена диктатура со која безмилосно ги прогонуваше противниците на режимот. Беа убиени најмалку 3 ипол илјади луѓе, многумина до денес се сметаат за исчезанти. Иако повеќепати беше обвинет за кршење на човековите права, до својата смрт никогаш не се најде на обвинителната клупа.
Конечно е мртов. Никому не му се посакува смрт, дури ниту на најжестокиот непријател. Меѓутоа, надвор од секоја политичка коректност, со заминувањето на Пиноче стигна и крајот на најцрното поглавје во историјата на Чиле. Ако на правдата веќе не и успеа да го осуди поранешниот диктатор Пиноче поради кршење на човековите права, затајувањето данок и перењето пари, тогаш земјата сега не мора и натаму да дозволува да биде исмевана и понижувана од еден деспот. Тој нема да им се извини на жртвите од воената диктатура, се додека неговите противници не и се извинат на армијата, соопшти уште во минатата недела од болничкиот кревет. Противниците се жртви – околу 4 илјади убиени и исчезанти, 100 илјади жртви на измачувања и 200 илјади политички бегалци.
„Подобро порано отколку подоцна ќе се отворат големи алеи по кои ќе врви слободниот човек за да гради ново општество„. Ова беа последните зборови на Салвадор Алјенде по воениот пуч преку радиото упатени до населението пред да си го одземе животот. За Чиле сега дојде тој миг. Додуша земјата одамна и се врати на демократијата, но наследството на диктатурата и натаму тешко ја товари земјата на нејзиниот пат кон економска и политичка стабилност. Се уште не е разјаснета судбината на илјадници исчезанти, се уште кружат мачителите и идеолозите на „војната против марксизмот„ што ја прогласи Пиноче. Армијата за време на диктатурата ја заврши валкната работа: апсењето, мачењето и убивањето на противниците на режимот што ги следеше дури и во САД и Европа. Поддршка за воениот пуч диригиран од Вашингтон и наредните 17 години диктатура, дојде од политичката десница во општеството. А, таа до денес не ја преработи својата политичка одговорност. Таа и натаму се придржува кон оправданоста на диктатурата и укажува на наводните економски успеси. Цинично е што неговите приврзеници се откажаа од Пиноче дури откако стана познато дека депонирал милиони долари на црни конта во странство, кога сликата за „воздржаниот„ војник доби пукнатини. На Чиле му успеа да ги признае жртвите на мачењата и прогоните, но судството и натаму се држи далеку од казнување на извршителите. До неодамна сегашната претседателка Мишел Башелет живееше во иста куќа со еден од нејзините мачители: наутро се среќаваа во лифт.
Тоа што Пиноче нема да добие државен погреб, ниту е прогласена државна жалост е исправно решение на владата. Неговото семејство тагува за смртта на еден нејзин припадник, додека земјата слободно дише. Со Пиноче почина последниот диктатор на Латинска Америка, а со тоа и една ера. Конечно.
Мирјам Герке