Која е Урсула фон дер Лајен?
3 јули 2019Урсула фон дер Лајен е родена пред околу 60 години во предградие на Брисел, а сега одеднаш нејзиниот политички пат би можел повторно да ја одведе во овој белгиски и европски главен град. Европските политичари вчера ја извлекоа од шеширот германската министерка за одбрана.
Сега оваа политичарка од Христијанско демократската унија, ЦДУ, која Ангела Меркел ја доведе на големата берлинска бина во 2005. година и во меѓувреме важеше како можен наследник на канцеларката, би можела да дојде на чело на Европската комисија. Таа би била прва жена на оваа функција, а конечната одлука ќе ја донесе Европскиот парламент.
Полиглотка
Првите 13 години од животот Фон дер Лајен ги поминала во Брисел. Нејзиниот татко, кој подоцна стана премиер на покраината Долна Саксонија, работел на водечки позиции во тогашната Европска економска заедница и Европска заедница- институции од кои потекнува Европската унија каква што денес ја знаеме. За разлика од многу нејзини колеги во Берлин, Урсула фон дер Лајен течно зборува англиски и француски јазик и отсекогаш многу сигурно се движи по меѓународниот паркет.
Во различни состави на сојузниот кабинет на Ангела Меркел, Фон дер Лајен извршуваше различни функции. Секогаш кон задачите пристапуваше со сличен елан, ги преиспитуваше постојните состојби, знае да ги разбранува структурите и така да предизвика одредена лутина во коалицијата поради својата способност да го спроведе тоа што го намислила.
Семејство, труд и социјала, одбрана
Оваа седумкратна мајка од 2005. до 2009. година прво беше министерка за семејство и на свој, делумно неконвенционален начин, испрати јасни сигнали до етаблираниот берлински естаблишмент. Таа воведе родителски додаток и со голема финансиска поддршка се погрижи низ целата земја да се изградат структури за грижа за децата.
Лекарка по вокација, во 2009. година, во вториот кабинет на Меркел ја извршуваше функцијата министер за труд и социјала. Четири години подоцна, во 2013. година, ја презеде функцијата министерка за одбрана. На оваа позиција помина шест години, што не му успеа на ниеден од нејзините 17, исклучиво машки претходници.
До преминот на водечката функција во Министерството за одбрана, кариерата на сојузно политичко ниво на оваа амбициозна политичарка протече без дамки. Таа ѝ беше лојална на сојузната канцеларка и личност на која Меркел можеше да се потпре и во владата и на конгресите на ЦДУ.
Извршителка
Како министерка за одбрана Фон дер Лајен покрена повеќе реформи во Бундесверот. Војската трпеше и трпи поради лоша и дефектна опрема, лошо планирани проекти за вооружување и поради огромен недостиг од стручен кадар.
Фон дер Лајен успеа со силен притисок, вклучувајќи и медиумски, да издејствува зголемување на буџетот за одбрана, успеа да го запре осипувањето на Бундесверот, чиј состав повторно расте и тоа првпат од обединувањето на двете Германии. Ја укина ригидната горна граница од 185.000 војници, а под нејзино раководство, одбранбената политика стана препознатлив елемент на германската надворешна политика. Тоа соодветствуваше и на меѓународната борба против терористичката организација „Исламска држава“, во која Бундесверот учествува на повеќе полиња.
Погрешни настапи и скандали
Но, во последните години ослабе нејзината репутација на „извршителка“. Причина се некои лични одлуки, но и различни скандали. Во текот на нејзиниот мандат се одложени важни проекти за вооружување, а излезе на виделина и десничарско-екстремистичко дејствување во Бундесверот, како и понижувачки пракси користени во текот на обука на војниците. Јасно, поточно појасно од било кој нејзин претходник, таа се дистанцираше од трупите на Бундесверот. Со својата изјава дека Бундесверот има „проблем со ставот“, ја проигра довербата на војниците.
Повеќе:
Кулоарски договор во ЕУ - победа на Ангела Меркел
Десен екстремизам во Бундесверот?!
Постепено стана јасно какви слободи уживала државната секретарка која Фон дер Лајен ја доведе во Министерството, а која пак со себе донесла повеќемина скапи советници. Денес Анкетна комисија на Бундестагот се занимава со „Аферата советник“. Фон дер Лајен во декември би морала да даде исказ.
Бриселски плус поени
Сјајот на Урсула фон дер Лајен е повеќепати извалкан, но и покрај тоа долгогодишните посматрачи во неа гледаат и плус поени на бриселскиот паркет- и тоа не само во тоа што го знае градот и зборува повеќе јазици.
Таа успешно работеше на структурите на Одбранбената унија на ЕУ. „Европска армија и НАТО не се спротивности, туку според мое мислење две страни на еден медал; ако Европејците во рамките на НАТО формираат јак столб, тоа ќе биде за одржување на кредибилитетот на Алијансата, но и за да имаме силен европски глас“, нагласи Фон дер Лајен. За барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемен ангажман на Германија и Европа, Урсула фон дер Лајен изјави: „Сметам дека се тоа фер барања.“ Таа во 2016. година, во една компликувана фаза, обезбеди брза акција на мисијата на НАТО, која беше поддршка на турските и грчки крајбрежни стражи, како и на европската агенција за заштита на надворешните граници на ЕУ, Фронтекс, во борбата против шверцери на луѓе.
Урсула фон дер Лајен, која во последните години важеше и како можна наследничка на канцеларката Ангела Меркел, храбро прифаќа секаква задача. Кога ЦДУ во 2010. година, по неочекуваната оставка на германскиот претседател Кристијан Вулф, мораше брзо да именува некого, во игра беше и името Урсула фон дер Лајен. Но, изгледа дека неа патот ја води во сосема друга насока.